Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Потреба за Создателот и Негово постигнување

Ние ѝ даваме различни имиња на Вишата Сила. Виша не според висината во нашиот свет, туку по нејзиното возвишување по квалитет над сите наши сили. Таа е неспоредливо помоќна, таа е нивниот исконски Корен, и затоа таа е Виша. Нејзините називи произлегуваат од начините, на кои таа се манифестира во однос на нас и како ние ја чувствуваме. Всушност, тие називи претставуваат сефирот. Бидејќи ние – желбата за примање – ја чувствуваме Вишата Светлина согласно со тоа, како таа свети во желбата. Самиот збор „сефира“ значи – „светлечки“ (сапир). Сефира Кетер е извор на Светлината, а подолу следуваат другите сефирот, другите имиња. Меѓу тие имиња ние издвојуваме неколку. Најчесто ние велиме „Создател“ (Боре) – бидејќи Тој го создал „суштеството“ (брија), нешто посебно (бар) од себе, излезено надвор. Во врската, протегната одозгора надолу, името укажува на Неговиот статус, односот кон суштествата, кои Тој ги создал. А од наша страна, во устремувањето одоздола нагоре, „Боре“ – значи: „дојди и види“ (бо-ре). Станува збор за состојбата, во која ние го гледаме Него.

Друго име е Елоким (אלה-ים). Во насока одозгора надолу тоа значи: МИ – ЕЛЕ (מי-אלה). ЕЛЕ – е АХАП, а МИ – Галгалта ве-Ејнаим. Искачувајќи се кон Бина, ние ја соединуваме Галгалта ве-Ејнаим со АХАП, и го откриваме односот на Светлината кон желбата, наречен „Елоким“. Според гематријата, тоа е исто што и Природа (הטבע), бидејќи таа цела потекнува и се гради од Бина. На таков начин, природата на вишиот е Бина. А природата на нижиот е Малхут. Постои ознака АВАЈА. Адни – Вишиот, Владетел. Всушност, АВАЈА – не е име, туку структура, во која соодветно на постоечкиот екран (масах), се открива Светлината. Во принцип, АВАЈА ги вклучува сите имиња, бидејќи освен неа, ништо не било создадено. Со еден збор, ние ѝ даваме на Светлината имиња согласно со тоа, како таа се манифестира во нас. И затоа нема „Создател“ сам од себе, туку постои само она, што човекот го постигнува. За тоа е речено: „од дејствата Твои те спознаваме Тебе“, „може да се суди само според она што го гледаш“.

Треба да се промени пристапот и поинаку да се проанализира  нашето воспримање на реалноста. Затоа што „мислењето на Тора е спротивно на мислењето на обичните луѓе“. Кого да прашаш денес, секој има своја претстава за Бог. Меѓутоа во нашиот свет „Бог“ е есенцијална психолошка потреба на човекот, желба да зависи од некој голем и добар. Тоа овозможува да се оправда сопственото постоење – во спротивно не е јасно зошто и со која цел јас живеам, кој ќе плати за сите мои несреќи и страдања во идниот свет. Сличната психолошка поставеност дури овозможува да молиме за помош и да ја „добиваме“. Но дали тоа е можно во реалноста без екранот и Одразената Светлина, без реални промени? Се разбира дека не. Вербата во нашиот свет е психолошка појава: обраќајќи се на Создателот, ние со тоа ја менуваме својата желба, и тогаш на новата желба Светлината се пролева веќе на друг начин. Како резултат на тоа, ние излегуваме од претходната состојба во следната, и нашите чувствувања се менуваат.

Всушност, постои само Светлина и желба – и ништо повеќе. Ќе дојде време, кога луѓето ќе ги отворат очите и ќе видат што сè изградиле во текот на милениумите... Точно е, тоа им помогнало да одат напред, но за да откријат на крај: целиот наш свет со сите негови илузии ништо не вреди. Врз основа на таа одлука луѓето ќе дојдат до вистината, и затоа сè е оправдано. Меѓутоа, денес веќе не треба да се одложува откривањето на вистинската состојба на работите. Друг излез нема: сите поинакви пристапи и методи, освен науката кабала - се вистински измислици, формирани само од егоистичките фантазии на човекот.

Од лекцијата по статијата „Науката кабала и нејзината суштина“, 09.12.2013

За грешките на кабалистите и за Создателот

Баал ХаСулам, „Науката кабала и нејзината суштина“: Шем Тов ја протолкувал книгата „Водич на збунетите“ согласно со науката кабала. Меѓутоа, се разбира, „Водичот на збунетите“ воопшто нема исто значење со протолкуваното од него...

Прашање: Значи, се испоставува дека кабалистите можат да погрешат?

Одговор: Се разбира, дека можат. Исто така грешат и научниците. На пример, светски познатиот Стивен Хокинг, кој пред неколку години јавно ја признал својата грешка. И во тоа е неговото величие. „Вие ми верувавте, - рече тој, - а јас грешев“. Мојот учител Рабаш правел забелешки на маргините од книгите, а потоа самиот ги пречкртувал со забелешка: „Погрешно!“ и давал нови толкувања. Бидејќи ние говориме за наука, за истражување, кое го прави истражувачот. Кабалистот е човек, кој ги развива своите садови-желби, за да го постигне Божественото. Колку ги развил, толку го открива вишиот свет. Ако пак некоја фаза сè уште не е завршена, тој небаре оддалеку ја гледа сликата и може да згреши во сфаќањето на тој феномен. Што поблиску, толку појасно, што подалеку, толку понејасно.

Кабалистот е истражувач. На пример, во книгата „Дом на портите на намерите“ Баал ХаСулам го изложува Рамбам на сериозна критика. Тој бил многу голем кабалист, кој до некоја граница сепак не „разоткрил“, не доразбрал нешто. Јас не можам да судам за толку високите нивоа, но тој можеби дури не сфаќал, дека таа област за него не е уште постигната, уште е сомнителна. Се случува и такво нешто. Воопшто, во науката кабала има посебен дел, во кој не се отстранети сомнежите, каде што сè е намерно скриено според одредени услови. На високите скалила – воглавно во светот Ацилут – има голем број такви случаи. Исто стојат работите и во секоја друга наука. И затоа треба да се сфати: ние не Го спознаваме Создателот директно, туку од Неговите дејства, зависно од тоа колку сме соодветни, слични на Него. Само на крајот на поправката „сите Го спознаваат Него, старо и младо“, и тогаш „никој нема да го учи ближниот“. Кога сите садови ќе бидат поправени, тогаш ќе Го откриеме Него во целост. Но сепак, ќе Го откриеме зависно од степенот на создадената од Него желба... Така или инаку, нашите садови добиваат наполнување зависно од степенот на нивната поправеност. Вишата Светлина престојува во апсолутно мирување, Силата на давање доминира во светот, а останатото зависи од нас. Можеш да ја искористиш – повели. Ако не можеш – немој да ја користиш. Не треба да ѝ се припишува на Вишата Сила некоја дополнителна „иницијатива“, „претприемливост“. Ослободувајте се од тие стереотипи.

Постои добра Сила, која прави добро и на добрите и на лошите, која е подготвена за активирање согласно со особините на човекот. Пред тебе е потенцијал: „јаже“, за кое може да потегнеш, или „штекер“ во кој можеш да го пикнеш „приклучокот“. И додека не си приклучен во него, тебе не ти е познато што тој претставува. Да речеме, го приклучуваш во него шпоретот и правиш заклучок, дека тоа е грејна сила. Но јас го приклучувам во него ладилникот, и за мене тој е сила на ладење. Тогаш таа сила грее или лади? Ниту едното, ниту другото – грееме и ладиме самите ние... Значи, главно што ние треба да го знаеме: Кабала е наука. Кабалистот е истражувач, кој спроведува емпириски истражувања, и Го спознава Создателот од Неговите дејства. Целта на создавањето е во тоа, сите да Го спознаат Него.

„Вербата“ – не е слепо верување, туку сила на давање. Колку ќе ја развиеме, толку и ќе постигнеме. Ако не ја развиеме – ќе останеме без ништо. Создателот е апсолутно добар и прави добро. Создателот не се менува – се менуваме само ние. Тој приод мора да биде крајно јасен. Но човештвото не сака да слуша за тоа – бидејќи тоа бара работа, нè обврзува на промени нас, а не Него. Тука веќе нема да „фрлаш паричка“ во очекување на поволен одговор одозгора – тука е потребна реална лична поправка. Меѓутоа современата ера нè принудува да го осознаеме пројдениот пат, да ги разјасниме тие прашања. И луѓето веќе се менуваат, дури и религиите многу брзо се трансформираа. Човештвото расте...

Од лекцијата по статијата „Науката кабала и нејзината суштина“, 09.12.2013

Обврска да се следи водичот

Од статијата на Баал ХаСулам „Слобода на вољата“: Во материјалниот живот на општеството функционира правило: „да се следи мнозинството“. Меѓутоа, што се однесува на духовното, правото на мнозинството се претвора во нивна обврска, и функционира законот да се следи индивидуалецот, односно развиената личност.

Бидејќи секому му е јасно, дека развиените и образовани личности сочинуваат многу мал дел од општеството. Тоа значи, дека успесите и достигнувањата на целото општество во областа на духовното се определуваат од малцинството. Тој закон произлегува од првичната АВАЈА, за која е речено: „Јас Својата појава АВАЈА не ја менувам“, од четирите фази на директната Светлина, програмата на развојот на желбата под влијанието на Светлината – единственото, што дејствува во реалноста и ги одредува сите нејзини форми. Сè се дели на четири фази и нивниот корен, Кетер, основата, изворот. На ист начин човечкото општество се дели на нивоа: неживо, растително, животинско и човечко. Човечкото ниво во човештвото, како најразвиено од сите, претставува најмалубројно, бидејќи во тие четири фази (АВАЈА) количината секој пат преминува во квалитет при преминот од скалило на скалило. Во вселената постои бесконечна маса на нежива материја, во споредба со која растителноста на Земјината топка се чини како капка во морето. Но животинскиот свет е помалуброен во споредба со растителниот, а човечкиот – во споредба со животинскиот.

Баал ХаСулам објаснува, дека целото неживо скалило е еквиваленстно на едно растение, сите растенија – на едно животно, а сите животни – на еден човек. Количеството се претвора во квалитет. Неопходен е развој на целокупното неживо ниво, за од него на крај да се добие едно растение, и развој на сите растенија, за од нив да се добие едно животно. А целото животинско ниво треба да се развие за од таму да излезе еден човек. Ако сакаме да напредуваме, значи мора да се искачиме на повисоко скалило, и затоа сите сме обврзани да се залепиме за некој еден, кој се наоѓа на следното скалило. Така тоа функционира во однос на човештвото, а исто така и во однос на секој човек, кој го вклучува во себе целиот свет. Човекот мора да ги собере сите свои особини на неживото, растителното и животинското ниво во пирамида на таков начин, на крај тие да се залепат за човечкото ниво во него и да се преклонат пред него. Човечкото ниво во човекот е неговиот стремеж за спојување со Создателот. Ако тој така се организира себеси, тогаш нема да се расфрлува на сите страни, туку ќе уштеди време и ќе премине од природниот пат на развој на патот на Светлината, забрзувањето на времето.

Внатре во човекот сè мора да биде организирано во таква форма, и внатре во малото или големото општество треба да се почитува истата тенденција. Ако општеството е организирано на таков начин, тогаш тоа ќе заштеди многу време и ќе нè спаси од многу страдања. Ако сакаме да одиме по духовниот пат, мораме да се присоединиме на развиена личност, која ќе ни го покажува патот. Со верба над знаењето, што го имаме на нашето нижо скалило, ние мора да го прифатиме неговото мислење, кое произлегува од повисоко скалило, и согласно со него да дејствуваме. Односно одиме напред со негова глава. Баал ХаСулам пишува, повикувајќи се на зборовите на Рамбам, дека ако толпата слепци има еден водич, кој го знае патот, тогаш сите други задолжително ќе ја достигнат истата цел, иако самите не можат да го видат ниту патот, ниту целта. Сето тоа произлегува од почетната АВАЈА, каде првично се поставени односите меѓу количината и квалитетот.

Од подготовката кон лекцијата, 09.12.2013

Непослушниот внук на Фараонот

Прашање: Зошто секој пат, кога нашата група прави голем чекор напред во квалитативно нова состојба, се наоѓаат луѓе, за кои се испоставува, дека не се способни на тој чекор, и затоа испаѓаат?

Одговор: Тоа не значи, дека тие не се способни да го направат тој чекор – но тие не можеле да ги оправдаат дејствата на вишото управување, извршени над нив..

Човекот го извлекуваат од целата човечка маса како со пинцета, и го ставаат под лично духовно управување. Исто, како што новородениот Мојсеј го извлекле од Нил во неговата кошничка и го донеле во дворецот на Фараонот. Таму веќе почнуваат насочено да го развиваат неговиот егоизам: го обучуваат на науката кабала, му кажуваат колку тој е посебен, избран од сите. Тој се чувствува добро сè додека не почнуваат секакви проблеми. Тој неправилно се однесува во однос на својот егоизам, што се нарекува „да се убие египјанецот во себе“ – и од тоа почнуваат неговите скитања. Се чини, што е тука страшно: принцот го убил својот поданик, обичен египјанец? Но тоа е веќе знак, дека тој не е лојален на Фараонот, и затоа мора да избега во пустината, кај Итро, кај кого тој поминува 40 години. Откога како човек до 40-ет години растел и се воспитувал во домот на Фараонот, тој уште 40 години продолжува да учи кај Итро, првосвештеникот во Мадијам.

Таков е патот на развојот, и неопходно е да се помине, во спротивно нема да бидеш подготвен повторно да се вратиш кај Фараонот, и да му се спротивставиш веќе како рамен на него. Без тоа не ќе можеш да ги издржиш 10 египетски казни, и да почувствуваш дека секоја од  нив е насочена кон твојот Фараонот, а не кон тебе. Мојсеј се враќа од кај Итро веќе потполно одделен од Фараонот. Тој веќе не е член на неговото семејство, туку му припаѓа на народот на Израел, и бара: „Пушти го мојот народ!“ Фараонот сега станува негов омразен непријател. Но таквиот пристап тој го добива кај Итро, главниот свештеник во Мадијам. Тој морал да се поврзе со тој поим „Итро“, да се ожени со неговата ќерка, Ципора, да роди деца. Од страна гледано, целиот тој пат изгледа многу заплеткан. Се чини зошто се потребни такви тешкотии: ја земаш егоистичката склоност и Тора, средството за нејзина поправка, ги спротивставуваш една со друга, и излегуваш во духовниот свет. Но тоа не е така едноставно. Тука се опишани процесите, кои мора да ги помине секоја разбиена душа, за да се поправи и пречисти. Затоа луѓето се искачуваат и се спуштаат, некој паѓа, а некој скока нагоре, а ние не сфаќаме што се случува. Единствениот излез е - да молчиме и трпиме. Освен трпението ништо нема да помогне, јас го велам тоа од личното искуство. По карактер сум многу нетрпелив, но во ова сум подготвен да трпам, затоа што тоа е единствениот начин.

Од лекцијата по статијата на Рабаш, 09.12.2013

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica