Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Долг е патот назад до дома

Денес се соочуваме со сериозна економска криза која ќе ни помогне да откриеме дека со нашиот неограничен копнеж по богатство, контрола и технолошки напредок, сме се збуниле и поставиле себеси во стапица. Трчаме наоколу како хрчак на тркало чувствувајќи дека постојано мора да произведуваме повеќе и повеќе производи за кои реално нема потреба.

Но природата, притискајќи нè во еден прстен, ни покажува дека треба да почнеме да живееме како едно хармонично семејство на кое му се потребни само нормалните основни потреби, без непотребни работи. Ова значи дека ќе мораме да го постигнеме нивото на рационалното, разумно трошење. Се разбира, на човекот му е потребна облека, храна, медицинска нега, безбедност и работа. Но тој не мора да ја следи секоја реклама, која за профит на некој друг го убедува дека навистина му се потребни безначајни производи, со тоа што постојано му нуди нови нешта и го разгорува неговиот апетит.

Мора да се стави крај на оваа бркотница, и веќе почнуваме да чувствуваме дека глобалното производство се намалува. Како резултат, многу луѓе ги губат своите работни места и се исфрлени на улица. Има милиони невработени и таа бројка расте од ден на ден низ светот. Овој тренд ќе продолжи. Мислам дека кризата ќе се рефлектира врз семејството, предизвикувајќи обратен процес. На крајот, жените постепено ќе почнат да му се враќаат на домот. Исто и мажите, ќе поминуваат повеќе време дома. Животот дома ќе биде побалансиран и лудата бркотница во која сакаме да го проголтаме целиот свет ќе запре. Тогаш повторно ќе ја почувствуваме желбата да живееме во семејство, не како во минатото, туку на побалансиран, спокоен начин.

Човекот ќе почне да се занимава со неговиот внатрешен развој! Ќе живее во баланс со природата. Прво мора да постигнеме баланс меѓу нас, во нашите односи со тоа што ќе создадеме подобри врски во општеството. Мораме да го сториме тоа или едноставно нема да преживееме. Надворешната хармонија ќе нè промени внатрешно и ќе нè успокои и направи потрпеливи, ќе нè научи како да ги градиме нашите семејства врз таквите врски за да може „љубовта да ги покрие сите гревови“. Тогаш ќе можеме да бидеме потолерантни и да научиме како да живееме во семејство каде што сите се слободни, но во исто време внатрешно поврзани со сопружникот. Ќе сакаме да имаме деца во таквото семејство и ќе научиме како да се однесуваме кон нив и да им даваме правилно образование во духот на ова ново човештво.

Не секој го разбира ова сега, но стариот свет веќе не постои. Во новиот свет ќе бидеме исполнети, но не од  трчање наоколу, од едно место до друго, бркајќи пари, статус и мода. Ќе го чувствуваме она што лежи зад сета оваа празнина и исполнување кое е на повисоко, совршено, возвишено ниво давајќи ни чувство на виша хармонија.

Ќе почнеме да чувствуваме повнатрешна реалност, хармонијата која постои во природата, и сé тоа благодарение на фактот дека сме се поврзале со другите во заедничка грижа и гаранција. Никој од нас нема почувствувано што значи вистинско исполнување!

Дали некогаш сме успеале да се исполниме во трката по богатство, чест, контрола и знаење? Дали некогаш си запрел и си рекол, „Сега сум среќен и не сакам ништо повеќе“? Никогаш немало таков момент. Само продолжуваме да трчаме, но не можеме да се исполниме. Сега уште малку ќе се издигнеме на следното ниво на постоење и ќе откриеме: во што може да ужива човекот, со што може да се исполни?

Ќе бидеме исполнети достигнувајќи ги правилните врски меѓу нас, бидејќи во нив ќе ја откриеме целосноста на природата. Ова е чувството на љубов кое никој досега не го знаел. Ќе уживам во мојот добар однос кон другите, мојата љубов кон нив и мојата желба да им давам. Ако сите се однесуваат со другите на овој начин, сите ќе бидеме исполнети со чувство на љубов. За да се постигне ова потребно е многу малку – само да се научи како да се прави тоа! Имаме сé што ни е потребно: метод и систем на интегрално образование кој може секому да му даде знаење. Тоа е антички метод кој постоел со векови, но сега ни се открива бидејќи светот дојде во таква состојба каде што тоа е од суштинска важност за неговото постоење.

Од КабТВ „Нов живот“ епизода 19, 21/05/12

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica