Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Кога Создателот е близок и драг!

01.11.2011
Баал ХаСулам, "Љубов кон Создателот и љубов кон битијата": Човекот е потонат во крајна нечистотија и пад, во насладата на самиот себеси и во себељубие без никакви искри на љубов кон ближниот и давање на ближниот.

Во таква состојба, тој се наоѓа во точка крајно оддалечена од коренот. А човекот расте кога се воспитува од Тора и заповедите кои се определуваат како „намера да се причини задоволство на својот Создател и никако на самољубието"...


Човек се наоѓа во правилно опкружување, во вистинска атмосфера заедно со групата, со учителот и со книгите кои му објаснуваат што е суштината на неговата желба и како таа да се оствари – во која насока, кон каква состојба, кон која цел да се движи. Тогаш човекот расте, се развива.

...Тогаш тој се издига на нивото за давање на ближниот со помош на чудесното својство кое се наоѓа во учењето на кабала со алтруистичка намера...

Во крајна линија, ние се занимаваме со кабалата со вистинска намера за да достигнеме меѓусебно давање и со тоа да направиме единствен сад, по принципот „како еден човек со едно срце". Сè што се нарекува „Тора и заповеди" е предодредено исклучиво за да се формира овој поправен сад.

Затоа е кажано: „Љубовта кон ближниот како кон себе е големото правило на Тора", бидејќи таа од нас треба да го изгради тоа заедничко кли. Зошто ни е потребно ова обединување? За да извршиме давање на Создателот, да Му причиниме задоволство. Значи, ние меѓу нас треба да развиваме соодветно чувство, да развиваме правилен однос кон она што се нарекува „Создател" – за да ни стане Тој сосема близок и драг, за да посакаме да направиме нешто пријатно за Него и од тоа да доживееме наслада. Овој топол однос групата навистина може да му го пренесе на човекот.

Така битието се развива, издигајќи се кон врвот, додека да достигне ниво на кое целосно го губи себељубието и самонасладувањето. Тогаш сите негови својства се насочени кон давање или на примање заради давање. Мудреците за тоа рекле: „Заповедите се дадени за да се исчистат битијата со нив".

Моите дејствија за поправањето на својата природа кои се нарекуваат „заповеди" се наменети јас, со сите свои 620 својства, како со јажиња, да се поврзам себеси со она што постои во реалноста покрај мене. Со помош на тоа јас ќе почнам да давам и ќе се обединам со сите во една единствена целина. Дејствијата кои ме врзуваат со другите се она што се нарекува 248 забранувачки заповеди на Бина, која може да се наоѓа било каде. Потоа јас ги користам својата и туѓите желби за да ги исполнам нив и тоа се 365 обврзувачки закони.

Може да се каже дека забранувачките закони се однесуваат на Галгалте ве-Ејнаим. „Не прави му го на ближниот она што не сакаш да ти го прават тебе" – рекол Хилел. Пред сè, јас се откажувам од дејствијата затоа што во мене сè уште нема сила за давање. Потоа преоѓам кон обврзувачките заповеди кои се сведуваат на принципот „Сакај го ближниот како себеси". Ова веќе се заповеди на АХАП, дејствија кон активно, практично обединување.

И тогаш човекот се соединува со својот корен.

Давање без наплата

Баал ХаСулам, "Љубов кон Создателот и љубов кон битијата": На еден или на друг начин, човекот мора да почне со намерата ло-лишма, како што пишува Рамбам со зборовите на мудреците: „Човекот секогаш ќе се работи со Тора, дури и во намерата ло-лишма и од неа ќе дојде до алтруистичката намера лишма".


Ова значи дека за почеток, по можност, треба да се извршува давање на другарите, на ближниот, на Создателот, сметајќи дека мене ќе ми биде добро благодарение на тоа. Јас сè уште немам правилни намери, но, во крајна линија, јас веќе извршувам дејствија за давање. Така и сме навикнати во нашиот свет – да правиме услуги еден на друг со цел за остварување добивка. Без корист за себе човек не би помогнал на друг.
На тој начин, мојот мотив сè уште не доаѓа од Светлината која се враќа кон Изворот, туку од личната корист. Јас добивам егоистичка наплата за давањето и мене ми е јасно дека е така. Меѓутоа, со помош на слични дејствија јас предизвикувам Светлина која се враќа кон Изворот и таа ја заменува мојата награда.

Светлината остварува нешто што за мене е непознато – „чудо". Таа ми дава можност за давање, не добивајќи ништо за возврат. Јас се исполнувам, но исклучиво со давањето. Тоа е „еднострано движење". Сега ние не можеме да си претставиме слично исполнување, но кога Светлината ќе нè промени, ќе разбереме што е тоа.

Значи, јас сега дејствувам во егоистичката намера ло-лишма, како да посакувам да ја достигнам намерата лишма. Извршувам давање на другарите, учам за да предизвикам Светлина која ќе ме промени, но сè уште во тоа наоѓам задоволство за себе, бидејќи инаку не би можел ни да почнам. Потоа, Светлината која се враќа кон Изворот, ми дава можност да дејствувам не помислувајќи на себе. Тогаш јас излегувам надвор – во ближниот или во Создателот, што за мене е едно исто.

Така, духовниот свет, алтруистичката намера, давање е кога јас ќе можам да дејствувам без никаква корист и полза за себе, свесна или несвесна. Оваа можност може да ни ја даде само Светлината која ќе подејствува врз нас, дури и да извршуваме егоистички дејствија, но само ако тие се изградени според советите на кабалистите. Ние заедно учиме, осознаваме дека ги проучуваме своите поправени состојби и сакаме да дојдеме до нив. Со таа голема желба да ги спознаеме, да се поврземе со нив, врз себе ги предизвикуваме Светлините околу нас.

Реално, книгите на кабалистите ни раскажуваат како сме поврзани меѓусебно, како извршуваме давање еден на друг и како стануваме единствен, поправен сад. Затоа, дури и само малку ако се насочиме кон таа состојба, оттаму, како од извор, кон нас доаѓа Светлина која нè поправа и нè доближува до совршенство.

Додека не станат поумни

Баал ХаСулам, "Љубов кон Создателот и љубов кон битијата": Децата, жените и народите на земјата во целина се учат да работат со страв и за плата.


"Деца" – се луѓето кои сè уште немаат доволно разум. „Жени" се оние кои ја немаат силата на екранот. „Народите на земјата" се оние кои ја разбираат само својата земска, егоистичка желба. Нив ги обучуваат соодветно на нивните способности. Од човекот не се бара нешто за што тој не е способен. Му се ветува награда: „Тебе ќе ти биде добро, само дејствувај и исполнувај се надеж од другите дека ќе дојде посебна сила и ќе те поправи, дека таа ќе те обедини со другите и благодарение на тоа ќе дојдеш во светот на доброто".

Ние и сега треба да го вршиме масовното распространување по истиот принцип, одговарајќи на тековните желби на луѓето. „Сакате да имате пари, чест, власт, знаења, добар живот, здравје, пензија, одмор? Одлично, сето тоа ќе го добиете, но треба да се обедините". Тие не треба да знаат за Светлината која се враќа кон Изворот, затоа што немаат точка во срцето која произлегува од неа.

Затоа во своите објаснувања треба да се задржуваме на заемната гаранција. Реално, таа нема да ги реши сите проблеми, туку Светлината која ќе ја предизвикаме насочувајќи се кон гаранцијата. Таа ќе ги изврши сите промени кон подобро.

Додека не станат поумни и помудри, оваа тајна не треба да им се открива...

Тие ќе сфатат дека давањето само по себе е најголемата и најважната работа во светот. Нема ништо поважно од давањето. Нема поголема наслада од тоа да се биде во чисто давање, кога Светлината од него ме исполнува. Инстинктивно ова се појавува во мајчината љубов. Оваа тајна не ја открива било кој, туку Светлината.

Ќе ги поучат на ова мирно, додека не постигнат, не спознаат и не Му служат од љубов.

Благодарение на многубројните повторувачки дејствија, Светлините дејствуваат врз садовите и ги поучуваат, односно внесуваат поинаква природа во нив.

Во духовното нема притисок и принуда, на секоја етапа сè се гради врз основа на разбирање, осознавање и достигнување, затоа што станува збор за формирање на Човек. На крај сите ќе се искачат на врвот, вклучувајќи ги и оние кои воопшто немаат таква склоност, бидејќи благодарение на поделбата, и кај нив има дел од духовната искра, па затоа и тие можат да се вклучат во заедничката работа, како клетки на едно тело.

Секоја клетка во него си ја извршува својата функција и не може да се замени.

Музика која носи радост

Прашање: Каква треба да биде музиката на Конгресот за вистински да носи радост?

Одговор: Радосната музика не е само глупава дисхармонија. Не, таа треба да буди добро чувство во мене, симпатија кон она што се случува. На Конгресот, но и воопшто секој ден ние треба да си ја претставуваме својата идна состојба кон која тежнееме, од која сакаме да добиеме искра, зрак, влијание. Оттаму ќе дојде Светлината која се враќа кон Изворот и ќе ме повлече и мене таму. Гледајќи нешто убаво, јас автоматски тежнеам кон тоа. А овде јас самиот треба да си ја претставам таа убавина, во својство на вежбање пред Конгресот, а и на него.

Во декември на 72 часа ќе потонеме во идниот свет. Што откриваме при тоа, ако не паѓаме само во еуфорија? Какви се нашите меѓусебни односи? Како дејствуваме меѓусебно во семејството, меѓу другарите, на работа (со колегите, со работниците и со работодавачите), во економијата на новото поколение, во екологијата, во општеството?

Ние стапуваме во новиот свет и почнуваме да ги покажуваме неговите детали – културата, воспитувањето, науката, нашиот однос кон било што... Овде музиката е способна да ни помогне во правењето на вистинските приоди кон животот. Со зборови или не, не е важно. Но, таа не треба да ме влече кон нешто тажно, кон нешто што асоцира на паѓање, очај. Патем, оваа забрана се однесува и кон нашата секојдневна работа. Тажната музика од левата линија може да се слуша само ако благовремено сум изградил силна десна линија и се наоѓам во неа.

Како што пишува Баал ХаСулам, два часа дневно може да се самоанализираме критички, но само ако 23 и пол часа сум работел во десната линија.

Свесна љубов кон горчливиот плод

Претставете си ја својата состојба таква, како што постапуваме со децата кога сакаме да им дадеме нешто невкусно, но многу полезно. Тие не го разбираат тоа и не се спремни да го прифатат. Така и ние, мораме да изедеме необично горчлив плод, а притоа да се насладиме...

Но, како можам да добијам наслада од таква горчина, слично како лимон, кој со самиот поглед на него ми предизвикува оскомина? Таквата храна ја јадеме специјално за да го потенцираме благиот вкус: нешто многу кисело, солено или горчливо. Ние додаваме одредени додатоци за да го засладиме вкусот и тогаш да го почувствуваме спротивното од него, како „предност на Светлината во однос на темнината". Светлината го означува благиот вкус на нашата желба за наслада.

Овде станува збор за премин кон безусловна љубов, кон горчливиот плод, кој јас природно го отфрлам и не сум способен во него да ја почувствувам посебната, најголемата важност. Јас треба да развијам желба за него, со цел целото свое тежнеење кон благото, кое само ќе расте, цело време да го зголемувам и развивам стремежот кон горчливиот и до болка непријатен плод. Зарем е можно такво нешто?

Тоа е потребно за да се извлечеме од животинското ниво, на кое се развиваме под притисок на својот егоизам, во трк за наслади. Всушност, животните и не бараат многу насладување, туку тие дејствуваат едноставно според своите инстинкти. Но човекот почнувајќи да се издига од животинското ниво и да добива човечки желби, за себе пронаоѓа и дополнителни наслади. Неговата желба да се наслади ќе се зголеми многу повеќе отколку кај обичното животно кое во текот на животот не се развива, како што е кажано: „Еднодневно теле се смета за бик".

Ние се развиваме во овој свет и бараме сè поголеми задоволства за себе. Нашето его цело време расте и си создава нови извори на наслада. Така ние растеме од животинското ниво и се претвораме во необично големи ѕверови. Потоа пристапуваме на сосема поинакво – човечко ниво. Овде пред сè го губиме стремежот за егоистичко исполнување.

Почнуваме да чувствуваме дека овој живот повеќе не нè исполнува – сè станува блуткаво и се губи вкусот. Доаѓа депресија, мисли за смислата на животот... Така се чувствуваат многу луѓе денес. Всушност, завршува нивото на развој кој се одвива во однос на егоизмот и ние повеќе не сакаме да си претставиме повкусни и примамливи плодови од него. Прашуваме за целта! Тоа веќе е следното ниво. Тука чувствуваме дека оваа цел е горчлива!

Ние ќе дознаеме дека ако сакаме да ја видиме целта и вистински да ја откриеме, тоа ќе биде можно само на следното ниво, спротивно на она каде што се наоѓам денес. Јас треба да развијам желба за многу горчлив плод. После сите задоволства кои сум ги имал – сладолед, бонбони, тестенини, јас треба да тежнеам, спротивно, кон нешто што предизвикува во мене болка, слабост, јад, оскомина. Овој плод е толку одвратен што мојата природа не ми дозволува дури ни да му се приближам.

Единствено што можам да направам е да ја зголемам неговата важност, сите ние да зборуваме колку е корисен, иако ми е одбивен. Оваа важност може да се зголеми со помош на опкружувањето кое ќе ми ја истакнува вредноста на овој горчлив плод, толку омразен од мене, што едноставно не можам ни да го гледам.

Работи и земјата ќе даде плод

Сите ние имаме добиено некакво почетно чувство за важноста на горчливиот плод на давањето, но не можеме да го поднесеме неговиот страшно горчлив вкус. Меѓутоа, ако сите ние сепак си раскажеме еден на друг колку тој е важен, секој од нас ќе ја види таа вредност.

Од друга страна, секој уште појасно ќе почувствува колку тоа го оттргнува и е спротивно на целата негова природа. Излегува дека целата оваа работа е невообичаено вредна, но јас немам сили за неа.

Ако човек се наоѓа во опкружување кое ќе му истакне дека нема избор, затоа што овој плод му е неопходен и во него се состои целиот живот, тој ќе се согласи да ја промени својата природа. Тој почнува да открива дека за тоа постои средство и бара сила која би го променила – Светлината која се враќа кон изворот. Така постепено во него почнува да се открива нов вкус.

Во таа горчина почнува да наоѓа задоволство за да добие уште поголема горчина! Во Талмудот се наведува пример дека е забрането да се става сол на лимонот или на грејпфрутот бидејќи таа ја намалува природната горчина и ја претвора во сласт. Како што е кажано: „Солта го засладува месото".

На горчливиот плод ние додаваме уште погорчлива состојка – анти-егоистички екран и тогаш тој се претвора во благ! Така човекот добива средство кое се нарекува сила за давање. Тогаш таа горчина која тој ја чувствувал претходно во своите егоистички желби, со помош на екранот станува блага.

Ова значи да се воспостави врска со давањето, бидејќи давањето за него се претвора во наслада, а Оној кој дава, односно Создателот, му станува близок до тој степен што човекот во себе чувствува желба за давање на Создателот. Понатаму тој го развива овој вкус кон давањето, како што ние во нашиот живот го развиваме вкусот кон нова храна која ни станува наслада. Детето нема да пие вино бидејќи тоа му е кисело или горчливо, туку ќе посака да пие благ сок. Нема да јаде многу лута или кисела храна која ние ја јадеме.

Значи, нашите обични вкусови исто така се развиваат во текот на животот и ние можеме да развиеме ново чувство кон работи кои претходно не сме ги поднесувале. Истото се случува и во внатрешната работа. Ако човекот се грижи за важноста на давањето, кое е многу горчлив плод, во кој нема ништо привлечно, туку напротив, сè е одбивно, оваа важност за него се претвора во десна линија, а јадот во лева. Тогаш тој гради нова, средна линија – средство за чувствување на задоволство во горчината.

Токму како „Мегилат Естер" (процеп Естер), што значи откривање (мегила) на скриеното (Естер). Сласта се чувствува во горчината, а „темнината свети како светлина". Така, сè она што сме го чувствувале како горчливо, благодарение на новиот однос станува благо.

Но, „земјата нема да роди плодови додека не биде создаден човекот". Затоа што плодови веќе има и земјата е спремна да ги даде, но човекот треба само да се роди за да почувствува дека има плодна земја која дава плодови кои се благи, инаку тоа не е плод. Всушност, тоа се плодови кои се појавуваат како резултат од работата на човекот, бидејќи без неа тој нема да има плодови за жнеење.

Онолку колку што ја изградил средната линија, новиот однос кон она што го чувствувал како горчливо, толку и ќе открие дека тоа е сладок плод.

Обврска на ученикот е да биде радосен!

Ние секогаш треба да се стремиме кон совршенство! Човекот се развива затоа што цело време оди по десната линија, чијшто симбол е радоста. Секогаш треба да си замислуваме добри состојби: состојба на развој, подем, вдахновено и возвишено расположение, величање на Создателот и на висината на целта. Кон тоа е насочена целата наша работа и грижа за да не му дадеме на своето его да нè турне во очај. Тоа е многу важно!

Иако нам често ни изгледа ако се занимаваме со самокритика и ако копаме во себе, со сета сериозност и страдање, дека тоа се одлики на голем човек, кој работи врз себе, но тоа не значи да се работи на себе, туку дека се влечеме по стапките на својот егоизам. Сериозноста не е во одењето со депримирано лице, туку да се биде во огромен внатрешен притисок, држејќи се себеси до величањето на целта.

Треба да се издигнеме до измислена слика, приказ на посакуваната цел – таква каква што можеш да си ја претставиш, до тој степен што постојано ќе те инспирира стремежот да се достигне давање на Создателот, да Му се прави добро, пријатно, да Му се причинува радост, како на човекот кој го сакаш.

Напишано е: „Да немаш други богови". Можеш ли да замислиш состојба дека само Тој е пред тебе, како твоја постојана цел? Тогаш јас треба да го развијам својот однос кон Него и да разберам со што, при какви услови, во кој случај јас ќе можам да Му давам? – Само под услов да бидам со другарите во еден сноп и заедно со нив да се стремиме кон тоа.

Значи, да имаме една заедничка желба, еден стремеж, да се соединиме и сите заедно да тежнееме кон Него, за да Му причиниме радост, затоа што друго немаме што да Му дадеме! Замислувањето на таква ситуација и живеењето со таков стремеж е почетната состојба од која човекот го започнува правилното движење кон целта. Тоа се нарекува десна линија.

Кога наспроти тоа ќе се појави левата линија, ќе разбереме дека таа е дадена за да ја издигаме уште повеќе десната линија – сè додека практично не го достигнеме давањето. До неа може да се дојде само под услов ако расте левата линија, а ние се развиваме над неа.

Илјадниците имиња на љубовта

Книга Зохар. Глава "Пкудейј", п.525: ... Тоа се шестокрилни серафими кои Го осветуваат Господинот свој трипати на ден. И тие се ситничави кон праведниците како дебелина на влакно и се обидуваат да ги обвинат во овој свет и во идниот свет. И кон она на што не внимава човекот, од кој тие научиле барем еден збор од Тора, и не се однесуваат кон него со достоинство...


Нашите односи почнувајќи да се издигнуваат од овој свет кон нивоата на духовно соединување ги добиваат овие свети имиња – или од страна на доброто или од страната на злото. Или сакам или мразам – и тогаш постојат илјадници имиња кои доаѓаат од љубовта или од омразата – ангели, серафими, ѓаволи, духови, од левата или десната страна, од љубовта или омразата и соединувањето меѓу нив.

Станува збор сè на сè за две сили, бидејќи повеќе нема ништо – сила на примање и сила на давање. Само во нашиот свет ние им даваме едноставни имиња, употребувајќи разговорен јазик. Во духовното за нив си постојат точни имиња – согласно дејствијата кои ги извршуваат тие, согласно силите и големината на желбата (авијут), врз кои тие влијаат и согласно резултатите кои ги остваруваат. Но, станува збор само за две наши форми на односи – оттргнување и доближување, соединување или оддалечување.

Но, меѓу нив е нашата слобода на избор, нашите обиди и напори да се искористат овие две сили за да се засили нашиот духовен сад/кли, додека сите сили на поделбите не ја откријат врската меѓу нас поголема за 620 пати од поделбата.

Кога се скротуваат змии...

Книга Зохар. Глава "Пкудеј", п.528: Ако човекот го остава овој свет, тоа битие ќе се појави на четири крилести серафими и тие ќе летаат пред него, а тоа битие нема да ги остави сите возбудувачки судови и закони за да се зближи со нив. Колку пратеници на светот се наоѓаат околу него. Кога се преместуваат и се појавуваат овие серафими, се смируваат отровните (серафим) змии, кои произлегуваат од ламја која носи смрт на целиот свет.


Змии, животни, ангели – сето тоа се внатрешни сили на најниско ниво во однос на човечкото. Станува збор за тоа дека овие сили и побуди излегуваат од секој од нас, како со нивна помош се поврзуваме помеѓу себе, помеѓу сите души и постепено оформуваме сè поисправена мрежа на поврзување меѓу нас, која сè повеќе се доближува до вистината – до Малхут на Бесконечноста, која секогаш ни служи со мерка.

Затоа во сите овие дејствија ние треба да ја видиме силата на поврзувањето меѓу нас.

Да се стремиме кон Светлината

Напишано е дека ние треба да се стремиме да го спознаеме ученото. Да се спознае, значи да се поврзе, како што е кажано: „И ја спозна Адам Хава, жената своја".

Ние посакуваме да откриеме, да добиеме врска со тие сили, состојби, ситуации за кои зборува Зохар – да живееме во нив. Не знаеме какви се тие, но сакаме да се пронајдеме себеси во нив, затоа што тоа се напредни состојби во поврзувањето меѓу нас, во создавањето на заедничко кли/сад. Тогаш, од желбата да се поврземе со нив, во степенот на заедничкиот стремеж, ние ја откриваме Светлината која се враќа кон Изворот. Колку ние се стремиме кон неа, толку и таа ќе се приближи до нас.


Од утринската лекција - 01.11.2011    Следете на каб.тв од 02:00

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica