Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Колку е полошо,толку е подобро

Од лекциите во Берлин

Ние треба да разбереме дека решението на современите проблеми не е во скротувањето на нашиот егоизам, туку во кревањето над него. Затоа науката кабала не е едноставна, таа не е на нивото на методите кои учат на постепено ограничување, намалување на своето почетно зло.

Кабалата вели: не, ти апсолутно не треба да се бориш против својот егоизам. Дури и не можеш тоа да го сториш – тој сепак ќе расте, тој сепак е поумен од тебе и затоа ќе се извлече и ќе се најде над тебе. Ти само мора да знаеш како да го пренасочиш од себе нанадвор. И затоа науката кабала – е наука за користење на егоизмот. Многу сложена наука бидејќи содржи во себе речиси сé. Таа овозможува правилно да се искористи нашиот егоизам, кој тогаш продолжува да расте во нас – но колку повеќе расте, толку повеќе имаме можности да излеземе од себеси, да го постигнеме тоа што нè опкружува.

Не е едноставно да им се објасни на луѓето дека поправката се состои во правилната примена на егоизмот, а не во неговото намалување. Напротив, колку си поегоистичен, толку е подобро. Луѓето тоа не го сфаќаат. "Како може да е подобро? Колку сум полош во однос на другите, колку сум позавидлив, скржав, лаком, подмолен – толку е подобро?" Да, тоа е добро. "Како тоа може да биде добро?

Напротив, ние треба да ги уништуваме сите тие пороци. Праведен е тој во кој ги нема тие пороци". Погрешно! Праведен е тој во кој постојат огромни егоистични нечистотии, но тој само ги преправа за врска со другите. За врска! Неговиот стремеж не е да ги искористи на некој начин своите штетни особини, туку да ги преправи во корисни. Да ги преправи! Во никој случај да не ги поништува. Тоа е тешко да се објасни дури и на умните луѓе и на тие што сфаќаат.

Денес се случува нарушување на рамнотежата со Природата, нарушување на рамнотежата во општеството, во приватниот живот, секаде. Дали е тоа за добро или е за лошо? Сигурно е за добро! Колку е полошо, толку е подобро? Сигурно толку е подобро! На човекот му е тешко тоа да го разбере, тоа не се осознава, не се восприма наеднаш. Имајте трпение, полека сé ќе си дојде на свое место.

Поправка на срцето : удар по удар

Прашање: Што се случува со Европската Унија? Пред еден месец се чинеше дека се оди кон колапс, а сега навидум сè е во ред?

Сигурно. И така ќе се повторува уште многу пати: впечатокот дека уште малку ќе дојде до колапс – и дека уште малку – и сé ќе се нормализира. Работата е во тоа дека само по пат на таков редоследен постепен развој ние осознаваме дека треба да се менуваме. Генерално треба да се сфати дека задачата на Природата не е да нè уништи.

Колапсот треба да биде внатрешен. Колапсот треба да биде во осознавањето, во сфаќањето на нашиот неправилен однос кон себе и кон светот, а не во тоа дека врз мене се срушил ураган, цунами, земјотрес, ерупција, температура од минус 50 степени и сл. Сето тоа е потребно само за да нè извади од нашата сопствена кал, да нè поткрене, да нè натера за нешто да размислуваме. Притоа токму таквите последователни дејства – изненаден удар а потоа негово повлекување, повторно удар – повторно повлекување – го извлекуваат човекот постепено од себеси.

Секој пат ни се чини дека тоа е едно те исто, но всушност тоа не е така. Секој пат се работи врз друг егоизам, неговиот поголем дел. Еднаш удар, потоа вторпат, потоа третпат, а ние не чувствуваме разлика, не чувствуваме дека секој пат егоизмот во нас изработува сосема различни мерки. Зошто тој е различен, и додека не ја достигне својата последна состојба, ништо нема да се промени. Затоа ние треба да поминеме преку голем број на такви мали удари.

Многу од нив веќе поминавме, спуштајќи се од светот на Бесконечноста во нашиот свет по 125 скалила. Во тие скалила се кријат милијарди различни дејства, случувања кои ние треба да ги поминеме во нашиот свет. И ние сме должни да ги одработиме во нашите циклуси, во овие животи. Не постои ништо случајно и ништо не може да се случи наеднаш, прескокнувајќи ги скалилата, состојбите. Ние мораме да ја проголтаме секоја пилула – само на таков начин учиме, и немаме друг излез.


Сите мои дејствија се евидентираат

Прашање: Ние доживуваме илјадници различни состојби. Колку е важно тие да се запишуваат , за секоја фаза да се поминува во целосно осознавање?

Многу добро прашање. На самиот почеток од мојот пат јас истото прашање му го поставив на својот учител: дали треба да ги запишувам сите мои состојби? "Денес се чувствувам вака, се однесувам кон другите онака". Дали вреди да се опише секоја состојба: јас, мојот однос кон тебе, мојот однос кон другите, колку јас разбирам, се осознавам себеси во светот, самиот свет. Дали вреди да се постават да речеме десет позиции, и еднаш дневно или еднаш во неколку денови, зависно од промената на состојбите, да се обидеме да ги фиксираме?

Учителот ми одговорил дека тоа треба да се прави во почетната фаза. Тоа му помага на човекот. На пример јас гледам наназад и забележувам дека веќе сум доживеал нешто слично – и не е ништо страшно, сум излегол од тоа. Или пак ги користам записите за во иднина. Колку тоа помага во напредувањето?

Враќањето во сите детали сепак е невозможно. Бидејќи вие се наоѓате во следната состојба и не можете да се чувствувате во минатата – како да не го сфаќате тоа, вие сте сосема друг човек. Спуштајќи се одозгора надолу ние слегуваме по сто дваесет и петте скалила и во нас влегуваат стотици милијарди решимот, т.е. информациски податоци. Секое решимо – е состојба која ги содржи во себе сите светови, сите универзуми, земено сето заедно. Значи, кога во мене работи тој информативен податок, тоа решимо, јас можам да чувствувам, да мислам само врз основа на него. Ако исчезнало решимо – исто така и јас, како после пристискање на копчето Delete, ништо не знам и не разбирам. Се создава ново решимо – и јас функционирам согласно со него.

Ние сме систем кој постојано го чувствува решимо - информацискиот ген кој се создава во него. Токму тој ген ние го доживуваме. Редоследот на тие гени го предизвикува во нас чувството на живот, тек, движење. Затоа наоѓајќи се денес во некоја состојба и читајќи за своите минати состојби од пред една или две недели, вие можете апсолутно да не ги разбирате – зошто не ги доживувате сега. Пробајте. Но сепак тоа е корисно барем за да се сфати: вие не се разбирате дури ниту самиот себе.

Светлина на иднината која нè повикува

Прашање: Во текот на нашиот живот ние честопати сме изложени на различни страдања. Како може со нив да се работи? Зошто тие ни доаѓаат? Што да правиме со нив?

Без страдања невозможно е да се напредува. Додека не ја достигнеме нашата крајна цел ние цело време се движиме само со помош на страдањата. Страдањата се чувствување како дека нешто ми недостасува. Притоа воопшто не е обврзувачки да се страда, јас можам во страдањата и да се насладувам. Ако знам дека во иднина ме чека прекрасна трпеза и јас и се приближувам; ако знам дека наскоро ќе се сретнам со саканиот, со пријателот и ме чека нешто добро, - тоа веќе не е страдање, туку чувство на глад, празнина, во која јас предвреме го чувствувам насладувањето што ќе следи, наполнувањето.

Затоа целиот наш проблем не е во тоа што сега ние го чувствуваме како недостаток, туку дали за тој недостаток во иднина има наполнување, одговор. Ако има, тогаш за мене тоа чувство на глад што се јавува како пред добра трпеза, - е исто така пријатно. Јас чувствувам дека сега ќе дојдам – и ќе се наполнам. Да речеме навечер имате состанок со саканиот и вие веќе ја претчувствувате пријатната средба. Зар целиот ден ќе ви мине во страдања?!

Односно проблемот не е во мојата состојба, туку дали во иднина ми претстои насладување или не. Проблемот е во тоа што човекот не ја гледа правилната, добра иднина – и затоа чувствува страдање. Кога ние би чувствувале дека за сите денешни проблеми во иднина постои одговор, и тој одговор е добар, тогаш не би ги чувствувале како страдања денес, туку би ги воспримале како увертира, неопходна подготовка пред наполнувањето. Значи целиот наш проблем е да се открие во нашата денешна состојба иднината, и тогаш се ќе биде во ред.

Но таа да ни сјае како пријатен состанок. Тоа ќе биде одговор на сé.
Односно ние ќе се согласиме да ги поминеме сите состојби кои се неопходни за наша поправка во духовното. Тоа се непријатни состојби, различни падови и подеми, секаква збунетост во чувствата и во разумот. Но ако ние, поткрепени од опкружувањео знаеме дека пред нас постои прекрасна иднина, тогаш секоја наша денешна состојба не ни се чини како страшно страдање, ние ја воспримаме како неопходно чувствување на вистинска глад пред да добиеме насладување од трпезата.

Животот ќе се чини совршен ...

Во духовниот свет постои многу јасно редоследно преносно движење. Ако јас немам целосно чувство на глад, желба кон следното скалило, тогаш немам таканаречен кли (сад, особина) за да ја почувствувам , - јас не ја чувствувам. Задолжителен е прагот. Јас морам да се искачам од мојата сегашна состојба, желбата "1" – во следната состојба, кон желбата "2".

Ако се искачив на следното скалило кон желбата "2" тогаш јас го чувствувам Изворот на Светлината кој таму постои. Ако сé уште не сум ја достигнал таа желба и се наоѓам некаде на средина, на едното од 10-те меѓускалила (таканаречени "10 сефирот") тогаш јас не ја чувствувам следната состојба. Треба да дојдам до последното скалило и само пречекорувајќи го ќе почнам да ја чувствувам следната состојба.

Тоа е јасна корпускуларна метода каде сé е поделено на нивоа, слично на фотоните во атомот. И не можеме ништо да сториме околу тоа. Затоа меѓу мојата прва желба во која сум чувствувал некое наполнување и небаре ми светело солнце, и мојата втора желба постои меѓусостојба – практично празнина, глад, страдања. Но ако знам дека одам напред, дека тоа е акумулативен процес кој ќе заврши, и јас ќе дојдам до мојата среќа, до наполнувањето, тогаш дури и овој процес, потребен за да можам да ја достигнам новата желба, правилно ме насочува напред.

Самите чувства на лошите состојби, конфузијата, нејаснотијата, чувството на празнина – ме тераат напред и дури напротив – ми помагаат побргу да напредувам. А кога би чувствувал во тие состојби некое насладување, наполнување, тие несакајќи би ме запирале, би ми било многу тешко да одам напред. Од сето добро јас не би се стремел напред, мојот егоизам веднаш би ме натерал да мирувам.

Токму затоа ние треба правилно да се однесуваме кон страдањата, да ја сфаќаме целисходноста од нив, и да знаеме како да ги употребуваме. Штом ги поврземе нив со правилната цел, тие страдања се претвораат во предвкус на идното совршено наполнување. Затоа треба да ја совладаме оваа метода - тогаш животот ќе ни се чини прекрасен.

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica