Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Метод кој води кон Светлината

Првиот човек, кој ја открил и постигнал науката кабала пред 5773 години, се викал Адам. Наскоро ќе го празнуваме неговиот роденден. Бидејќи библиската Нова година – е роденденот на Адам како кабалист. Тоа е ден, кога му се открил Вишиот Свет, Вишата Сила. Тој за тоа ја напишал книгата “Тајниот ангел”. Од тоа прво откривање на Вишиот Свет ние почнуваме со сметање. За да се постигне себеси и своето Вишо ниво (т.е. статус еднаков на Светлината) на целото човештво му се дадени 6000 години. Од времето на Адам, пионерот на Вишиот свет, поминале веќе 5773 години.

Значи остануваат 227 години до завршувањето на целиот процес. Но тој процес може да се реализира и порано. Зошто? Затоа што досега ние се развивавме под влијание на принудувачка Виша Сила, речиси без да ги применуваме нашите знаења за да излеземе самите на нивото на Вишата Светлина, да ја откриеме и да се искачиме на следното скалило, во следна димензија. Значи, глобалната криза која денес зема голем замав, за која одамна пишуваа кабалистите, се случува токму за да ни даде на сите поттик кон нашиот заеднички општ глобален развој. Затоа сега ние можеме да ја применуваме науката кабала, која нè учи како да ја предизвикаме кон себе Вишата Светлина. Во тоа се состои целиот метод, - ништо друго.

Ние престојуваме во егоистичка желба да се наполниме, да се откриеме себеси. Нашата желба е – да се наполниме со Виша Светлина. Кабалата, пак, е упатство кое објаснува на каков начин во секоја состојба може врз себе да се предизвика Вишата Светлина со максимален интензитет, и како може да се развиваме. Тој метод ние го изучуваме веќе подолго време. Во почеток постоел многу голем “таен период”, кога учевме, создававме различни средства за обучување, книги и друго. Сега, пак, кога почнува да се разгорува светската криза, т.е. кога нашиот глобален егоизам ни го покажува својот крај, својот пад, неспособноста да постои и понатаму во претходната парадигма - тој ќе мора да почне да се менува, бидејќи во состојба во каква е денес и претходно, тој ќе оди во смрт, во ужасни состојби. Ние тоа веќе го согледуваме.

Во огромната маса луѓе се создава потребата да се направи нешто со себе. И ете ние, како носители на методот за привлекување на Светлината, треба да мислиме за целото човештво, а не само за нас. Токму затоа добивме таква “инспирација”, таква желба – да се привлечеме кон Него, да ја откриеме за себе смислата на животот. А смислата на животот е во искачувањето на нивото на Светлината, на нивото на вечноста, бесконечноста, на нивото на совршенството, хармонијата. Тоа ниво ние треба да го постигнеме практично, врз себе, но исто така да го научиме тоа да го направи и целиот свет.

Сите ние сме заемно поврзани, бидејќи само во нашите чувства, желбата која е создадена од Светлината се распаднала на седум милијарди делови. Секој од нас е мал дел од таа желба и нашиот однос кон другите денес е одбивен, егоистичен. Привлекувањето на Светлината е можно во тој степен, во кој ние ќе се обидуваме да се соединиме. Тој услов се нарекува закон на сличност – закон на сличност на желбата со Светлината. Колку што желбата, наспроти својот егоизам, ќе прави напори над себе и ќе се стреми кон соединување, толку таа ќе се искачува кон Светлината, станувајќи сé повеќе слична на неа. Невозможно е да станеме слични на Светлината само со обиди да се обединиме. Затоа што тоа соединување е лажно, невистинско. Меѓутоа обидите, напорите кои ги вложуваме за да се соединиме, предизвикуваат во нас пробудување на Вишата Светлина. Таа влијае врз нас и нејзиното влијание почнува да ја поправа нашата егоистичка желба од “заради себе”(од егоистички облик) во “заради давање”(кон соединување со другите).

Токму Светлината ќе го реализира соединувањето меѓу нас, и тоа наше соединување навистина ќе нè доведе до сличност со Светлината, ќе создаде помеѓу нас мрежа на давање, сé до односот на љубов, т.е. заемната вклученост еден во друг. Кога ги чувствувам желбите на секој како своите, сакам да ги наполнам преку себе и живеам за тоа, тогаш јас излегувам од својот егоизам и егзистирам во наполнувањето на другите. Такво егзистирање се нарекува Вишо – повисоко од нашиот егоизам. Притоа ние откриваме помеѓу нас врска во облик на огромен систем. Тој систем се открива постепено.

Сé што изучуваме во кабалата: сефирот, парцуфим, светови, различни односи помеѓу нив – тоа се нашите меѓусебни односи во тој систем. Сето тоа се случува со нас – сé до фактот дека системот на нашата взаемна поврзаност станува свет на Бесконечноста, т.е. систем на апсолутна взаемна поврзаност, тотално аналогна, интегрална, зависна. Тогаш во него се открива, без никакви пречки, во својот апсолутен облик Вишата Светлина, или Создателот.

Конгрес во Харков – од 1-та лекција на 17 август 2012 г.

Не срамете се да играте

Првото духовно скалило е најтешкото. Колку труд вложува малото дете за да ги направи првите чекори. Колку труд вложува за да се фати за нешто, за да го каже првиот збор. Колку внатрешни напори Природата предизвикува во него. Зошто? Зошто ние не можеме да се развиваме спокојно, слободно?

Видете како се трудат малите деца – без престан, без одмор. Детето може да има температура 40 степени, но сепак игра, сепак нешто сака. Никакви пречки, ништо не го запира – толку е упорен. Ние треба да земаме пример од него. Истото треба ние да го правиме за излез во Вишиот свет, за да станеме големи. А после тоа сé станува извесно и разбирливо – можеби не целосно, но сепак. Исто како малото дете кое веќе може да оди и да зборува, на возраст од 4, 5, 6 години навлегува во сосема поинаков процес на спознавање – поосмислен. Така и кај нас во процесот на постигнување на вишата состојба се појавуваат сé поосмислени алатки. Ние веќе ја поминавме почетната фаза, веќе знаеме на каков начин да се соединуваме, со кого да “играме”, слично на детето, кое од 3-годишна возраст стекнува чувство за ближниот и почнува по малку да сфаќа дека подобро е да игра со другите, отколку само.

Така и кај нас се создаваат односи со другите: како може со нив да стапиме во интеракција, како може навистина разумно взаемно да се развиваме, правејќи свои “игри”. Токму затоа ние толку многу играме. Навидум тоа се глупости, но реално тоа се многу сериозни игри. Ние не ги сакаме, се чувствуваме апсурдно. Нели сме возрасни, сериозни луѓе! Што правиме? Вреди ли да трошиме време на тоа? Реално, да. Ако сфатиме, дека развитокот на новата особина во секоја фаза се одвива исто како и кај децата - тогаш токму во игрите, семинарите, во различни заеднички дејства, ние добиваме можност да се привлечеме еден кон друг, а со тоа да ја привлечеме врз себе Вишата Светлина. Иако на нашиот егоистички разум тие дејства му се чинат нерационални, несериозни, детски – всушност тоа се виши вежби, затоа што ние сакаме да тргнеме против нашата природа.

Понатака, искачени на првото ниво, ние добиваме сериозна прихрана на разумот, разбирање на почетната шема, слично на малото дете кое веќе се ориентира во нашиот свет и до одреден степен разбира што е добро, а што- лошо, како да се движи понатаму, каде да зема играчки и како да ги употребува, како да се развие, постигнувајќи нешто ново и т.н. Детето веќе почнува да сфаќа како да го користи светот на возрасните за својот понатамошен напредок. Така и ние во однос на Вишиот свет. Значи, најважно за нас е да се искачиме на првото ниво. Потоа се ќе ни биде јасно и разбирливо. Потоа никој нема да бега од нашите групи и повторно да се враќа на тој живот, затоа што во овој немал доволно трпение да го открие за себе вишиот слој. Треба побргу да го достигнеме тоа ниво за да можеме да им помогнеме на сите други. Затоа сме добиле мотивација за следно ниво. Да го откриеме, да го достигнеме – тоа е нашата задача. Колку ќе се стремиме да го направиме тој напор заради сите други луѓе, толку тоа ќе биде пројавување на нашето тежнеење за давање. На таков начин ние ќе добиеме уште поголема порција на Вишата Светлина.

Конгрес во Харков – од 1-та лекција на 17 август 2012 г.

Ќорсокак на егоизмот

Како што знаеме од науката кабала, сé што постои во природата – е желба за наполнување, желба за насладување, желба за развој. Таа егоистичка желба постојано гори во секое суштество, го движи.

Ако говориме од гледна точка на науката, тогаш од моментот на Големата експлозија и понатаму се развивала материјата. Што се случувало пред тоа – го изучуваме ние со помош на науката кабала. Ние учиме, дека Вишата Светлина – ние го нарекуваме Создател, затоа што тоа е првично единствена Сила на природата, - ја создал, створил желбата. “Создал”, “створил” – има значење, бидејќи означува: го стори тоа што порано не постоело, првично го немало ниту во зародиш. Значи, Вишата Светлина ја создаде желбата и почна да ја развива. Тоа е единствениот акт на создавање – произлегување од ништо.

Кабалистите велат, дека сега засега не можеме тоа да го сфатиме, бидејќи не престојуваме во двете спротивни состојби, не ја чувствуваме втората половина од светот, не ја чувствуваме Светлината. Во нашиот свет секогаш нешто се создава од нешто, првично има своја причина. Кога ќе почнеме да ја чувствуваме Светлината, првичната Сила на создавањето, тогаш ќе сфатиме што значи да создадеш нешто од ништо. Значи, Вишата Светлина го создаде суштеството – желбата да се насладува, желбата да прима, наполнува, развива. Таа желба Светлината постојано ја развива.

Развојот на таа желба поминува преку четири фази – таканаречени “четири фази на директната Светлина”. Заедно со нивната фаза на корен, тие прават пет дела на суштеството и сочинуваат основен модел на сето постоечко. Како резултат, желбата достигнува состојба кога сака да стане слична, еднаква на Светлината, да го стекне истото ниво, истиот статус. Тоа е првично утврдено во програмата на Светлината, која ја развива желбата. Потоа се одвива слегување до нашиот свет, и кога Светлината ја достигнува својата конечна реализација во желбата, се остварува преструктурирање на таа желба – таа станува слична на Светлината.

Во нашиот свет тоа се случува на следниот начин: за да стане слична на Светлината, желбата мора самата да се трансформира, сама да се крене до нивото на Светлината. Таа самата мора да научи да ја привлекува Светлината за да се менува. Само на таков начин желбата ќе стане свесна, ќе го достигне истиот статус, истото ниво на развиток.

Како тоа се прави?

Вишата Светлина создава целосна желба која потоа се разбива на делови. Зошто? За да се почувствува навистина егоистички, вистински да ја почувствува својата природа, кога сака да се наполни само себеси и ништо повеќе. Во таква состојба престојуваме ние во нашиот свет. Постепено се развивавме: преку неживата, растителната, животинската природа – до човекот, а потоа во текот на десетици илјади години човекот се развил до нашата денешна состојба. Ние ги поминавме сите егоистички фази. Развитокот на желбата нè туркаше на сé поголеми промени во општеството, техниката, технологијата, науката, културата, меѓународната трговија, во изградбата на сé што сме направиле. На крај ние ја достигнавме денешната, делумно многу непријатна состојба, кога чувствуваме дека нашата желба всушност целосно се реализира во својот егоизам. Понатаму пред себе гледаме ќорсокак. Тој ќорсокак човештвото го чувствува сé повеќе и повеќе. Се најдовме во посебна ситуација – бидејќи имаме можност да си објасниме зошто се најдовме во ќорсокак и така да се ориентираме во тековната состојба, сфаќајќи дека тоа е отскочна штица кон следната. Тоа објаснување претставува голема помош за понатамошното радосно постоење – бидејќи ние можеме да се насочиме кон нешто, ние сфаќаме, осознаваме што се случува.

Замислете си ги милијардите луѓе во светот, кои денес се наоѓаат под заканите на кризата, гладот, различните удари на Природата и климата, кои не знаат што ќе биде утре, остануваат без работа, не сфаќаат како да егзистираат понатаму, не сакаат да раѓаат деца, да формираат семејство. Егоизмот ја достигна својата максимална состојба и запре – нема каде да расте повеќе. Ние ги завршивме сите наши големи проекти и не знаеме што да правиме. Генерално, оваа состојба владее со сите во светот. Според податоците на научните истражувања, согласно тоа што пишуваат психолозите, аналитичарите, социолозите (и политичарите во последно време говорат за тоа), светот се наоѓа во неизвесност – сите освен тие, кои своите знаења ги добиваат од науката кабала.

Конгрес во Харков – од 1-та лекција на 17 август 2012 г.

 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica