Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Нашата вредност е единството

30.09.2011

Прашање:
Во програмите на Министерството за образование многу се зборува за вредностите кои треба да им ги предадеме на децата. Како ние, од наш аспект, ги определуваме тие вредности?

Вредностите треба да бидат такви што на нивна основа би можеле да го поврземе народот во една целина. Вредностите се основи со кои тој е роден, принципот на љубов кон ближниот како кон себе. Своевремено Авраам ги собрал Вавилонците, кои биле спремни заради овој принцип да отидат во пустина да се одделат од сјајот на Вавилон и да се упатат во непознатата Ханаанска земја, само за да ја остварат заемната љубов, заемното давање и единството. Тие одлучиле да создадат народ кој ќе живее според овие закони. Тие се вредностите на еврејскиот народ.

Денес ние сме во иста ситуација: на сите би им било подобро ако не постоевме ние. Надворешниот притисок и омраза не ни дозволуваат да се зближиме со никого. Така е направено намерно. Како што пишуваат Баал ХаСулам и Рабаш, омразата околу човекот е неговото обезбедување. Благодарение на неа тој нема сила да се спријатели со некого и работи на сопственото поправање, не мешајќи во тоа странични мисли, желби или дејствија. Тоа ни е потребно за да се обединиме во народот, оставајќи ги сите други вредности, со кои сме израснале, било тоа да се социјалистички илузии или капиталистички ветувања. Пред нас сега треба да има само еден принцип – меѓусебното обединување, меѓусебна гаранција. Денес луѓето бараат социјална правда, прераспределба на државниот буџет. Јас не сум против тоа, но колку и да поделиме од државниот буџет, тоа не е она што е важно.

Баал ХаСулам во весникот „Народ" пишува: „Ние треба за себе да организираме посебно воспитание по пат на широка агитација за да внесеме во секого од нашето чувство за љубов кон народот – и индивидуа кон индивидуа и индивидуата кон општеството, одново откривајќи ја за себе народната љубов, вкоренета во нашата средина уште кога сме живееле на своја земја, како еден од народите. Оваа работа е пред секоја друга, бидејќи е основа, а освен тоа, додава височина и успех на какви било дејствија кои ние сакаме да ги извршиме на ова поле". Распределбата на средствата сама по себе нема да помогне. Раздај дури и милијарди и ќе видиш дека ситуацијата ќе стане само полоша. Какви било дотации ќе причинат штета на сите ако не се изведуваат преку ново алтруистичко воспитание.

Горчината на нееднаквоста


Прашање:
Како да им се објасни на луѓето подлабоката смисла на социјалната правда?
Истовремено со надворешните барања, народот самиот длабоко внатре чувствува горчина од нееднаквоста, од неправедноста – и социјална и национална, од секакви разлики, затоа што човекот не се оценува себеси каков што е, туку се споредува со другите. Никогаш порано не сме живееле толку добро како денес, но при поглед еден на друг, ни станува лошо. Се разбира, има и луѓе на кои навистина „не им достига платата" и нив веднаш треба да ги издигнеме на основното ниво. Меѓутоа, сите останати диспропорции треба да се пополнат, пред сè, по пат на меѓусебно обединување. Никаква „праведна поделба" нема да помогне, таа само ќе предизвика конфликти. Секаков подарок на некого ќе предизвика озборувања и сплетки, незадоволство и револт. Покачи му ја платата на некој сектор и веднаш ќе почнат да го мразат.

Бидејќи дури и да не е направено тоа на моја сметка и ако навистина ништо не губам, јас пак ќе си го поставам прашањето: зошто на нив им дадоа пари, а мене не? Кога јас би бил среќен за човекот ако му ја покачат платата? Само ако сум поврзан со него со љубов. Затоа првин треба да добијам правилен однос, да се соединам со него. Нека биде така за почеток, додека да достигнеме меѓусебна гаранција и да сфатиме дека целосно зависиме еден од друг.

Во меур


Прашање:
Како да им се објасни на луѓето законот за меѓусебна гаранција, што се вели дека е „даден одозгора"?

Не одозгора. Тој произлегува од Природата. Ние сме како во меур каде што владее еден закон – законот за заемност, гаранција, обединување. Наречи го глобален, интегрален, универзален, општ. Овој факт е признат од сите. Значи, секое дејствие ние треба да го извршуваме во согласност со овој закон. Во центарот на нашиот меур се наоѓа владата, таа е опкружена со народот, народот е опкружен со човештвото, а целиот овој систем е опфатен од Природата. Што мислиш, што ќе се случи ако владата и народот не дејствуваат во согласност со Природата? Ќе се најдат во уште поголема конфронтација со неа, толку силна што Природата ќе почне да применува сурово надворешно дејствие.

Еве, еврејскиот народ надвор е опкружен со други народи во светот и делумно со нашите најблиски соседи. Пробај да сфатиш какви последици ќе предизвикаме ако не го поставиме обединувањето како главна цел. Кога веќе се вративме во земјата на Израел, пред сè треба да го обединиме народот. Таков е условот, кој не зависи од нас. Ако не го направиме тоа, ќе ни се даде определен рок, за да извлечеме поуки од несреќите и да ја исполниме својата задача. Но, во крајна мера, времето почнува да работи против нас, така што друг излез нема, мора да размислиме како да постигнеме рамнотежа со поставените услови.

Бидете слушнати

Треба да се сфати дека целиот проблем лежи кај нас. Би се рекло, зошто не нè слушаат? Зошто не нè разбираат? Затоа што ние сè уште не сме го достигнале нивото за да нè слушнат и да нè разберат. Треба да поработиме на себе. Никој не поставува ѕид помеѓу нас и народот. Сите оние кои нè гледаат како пречки, треба да видат помош и поддршка.

Проблемот не е во останатите, ние треба да се усовршуваме и да се издигнеме за да го видат луѓето тоа и да посакаат да се зближат со нас. Во пречките треба да гледате помош, затоа што тие ни покажуваат дека уште не сме спремни за учење на народот.

Прашање:
Што треба да правиме во групата? Бидејќи движењето кон заемна гаранција меѓу нас станува сè потешко.
Се разбира. Тоа е знак за напредок. И мораме да продолжиме да ја возвишуваме важноста на целта во своите очи.

Прашање:
Се обидуваме, но не успеваме...
Тогаш треба да се побара помош. Да се бара силата на давањето. Да се слушне од другите вест за големината на давањето и да се побара. Ние се наоѓаме во критична, многу, многу добра состојба. И треба да притискаме врз таа точка уште и уште. Не знаеш што стои зад секое такво притискање. Сите фактори кои се акумулираат и надвор и внатре, настаните во надворешниот свет и во нас самите, економијата, политиката, безбедноста, сè започнува да се концентрира, а ние само треба да му дадеме насока на тој процес. Како што пишува Баал ХаСулам, сите проблеми треба да се решаваат врз основа на едно – на единствениот принцип на гаранција.

Замисли си: седиме на тркалезна маса, како едно семејство. Сите со затворени очи земаат пари од заедничкиот сад и не посакуваат повеќе. И сите остануваат задоволни, бидејќи не е важно кој колку зел. Работата овде не е во државните комисии. Благодарение на гаранцијата секогаш ќе бидеш задоволен од она што си го добил.

Во тоа се состои решението, а сè останато е потребно за да се провери исправноста на твоите намери. Физичкото дејствие на телото на парцуфот е само признавање на решението кое го донела неговата глава. Со тоа едноставно си потврдуваш дека си направил правилен чекор. А сосема е неважно што ќе се случи потоа, затоа што ако ти си постигнал меѓусебна врска, тогаш и резултатите од неа ќе бидат добри. Тогаш во тебе сè се исполнува и не чувствуваш недостаток од ништо.

Освен тоа, те чека благослов и на материјалното ниво – развој и успех кој веднаш ќе го почувствуваш, затоа што законите на природата без одложување. Тоа не е ураган кој неколку дена се движи кон брегот, туку продор од кој резултатите се гледаат веќе следниот ден.

Иглите се вртат напред-назад, а тркалото се движи напред

Целта на битието е да нè донесе до совршенството во кое се наоѓа Создателот. Овие две сили – Создателот, силата која дава и битието – силата која прима треба да постигнат соединување, единство, сличност на својствата. Тогаш битието ќе дојде до совршенство, со замисла за кое, по заповед на својата љубов, Вишата Сила, Добрата и Која прави добро, го започнала битието. Создателот го започнува битието, а ние треба да го завршиме! Целиот овој процес се остварува со помош на самото битие, кое на тој начин добива знаење, чувства, се запознава и открива кој е Создателот. Според тоа колку се менува и се поправа кон сличност со Создателот, толку Го спознава Него, се доближува до Него и станува слично на Него, додека не постигне целосно соединување.

Целиот овој процес треба да биде заснован на две спротивставени појави – колку поблиску доаѓаме до Создателот, толку повеќе треба да се оддалечуваме од Него, затоа што големото не се гледа од кратко растојание, туку само од далеку. Како што е кажано: „Предноста на светлината се сфаќа во темнина". Ние почнуваме да цениме нешто откако ќе го изгубиме. Кога има исполнување, не се чувствува желба, а кога има желба – не се чувствува исполнувањето. Ние треба да достигнеме таква состојба, кога овие две чувства ќе бидат присутни истовремено, а исполнувањето нема да ја згасне желбата, за да не исчезне битието, да не престане да чувствува дека постои, достигнувајќи совршенство, бидејќи чувството за себе дека постои произлегува од недостатокот и тоа е „минус", а престојувањето во совршенство е „плус".

Затоа целиот овој процес се постојани движења напред – назад, секогаш придружувани едно од друго. Ние и сега се наоѓаме во него, само што не забележуваме, бидејќи тој истовремено се остварува преку многу луѓе. И овие два процеса – движењето напред и назад се реализираат на два „носитела". Затоа различни луѓе преживуваат различни состојби во однос на приближувањето кон Создателот: некои добри, други – лоши, едно го доживуваат во разумот, а други во чувствата, во срцето. Затоа не можеме да почувствуваме дека се наоѓаме во некој одреден „процес"!

Но ние сè посилно се поврзуваме еден со друг, особено денес, кога почнува да се открива глобалната и интегрална мрежа која нè поврзува сите нас. Ние и без да сакаме сè повеќе се соединуваме. Затоа откриваме дека спротивните процеси се случуваат веќе во нас самите!
Порано ни се чинеше дека поминуваме низ разни состојби: еден доживува подем, друг пад, еден работи свесно, друг не, односно еден ја испитува вистината или лагата, а друг само благото или горчливото. Но сега во нашето соединување сè повеќе чувствуваме дека тоа е еден единствен процес – дека благото или горчливото и вистината или лагата можат да се обединат, односно оддалечувањето и доближувањето до Создателот се остваруваат истовремено! Ако постоиме во интегрален систем, почнуваме да откриваме дека сето тоа може да се соедини меѓу себе. Сè уште не сфаќаме како се случува и затоа го гледаме како збрка, магла, лабилна состојба, затоа што во нашиот свет две спротивставености секогаш се наоѓаат во две разни или во многу тела.

Но, кога овие луѓе се зближуваат и се вклучуваат еден во друг со своите мисли и желби, чувствуваме дека две спротивни работи се присутни на исто место. И од оваа состојба ние треба да склучиме „Сојуз со Создателот", кој се нарекува „обрежување", отстранување на „орла" (на кожичката). Постои битие и Создател, а меѓу нив облак, прав, темнин, некаква завеса, која битието треба да ја тргне, да ја отфрли.

Прв допир до Создателот


За да напредуваме, потребно е да ја откриеме големината на Вишиот. Но, таа големина на Вишиот не треба да му донесе корист на егоизмот, туку напротив. Тој за мене е Виш затоа што дава, љуби, а не затоа што е згодно за мене да имам таков моќен заштитник. Јас треба да се стремам кон Него само затоа што да се биде до Него значи и самиот да добијам својство за давање и љубов кон ближниот. Тоа всушност се нарекува доближување до Создателот, да се доближиш со своите својства, со сличноста на формата, а не да дојдеш поблиску за да измолиш и да грабнеш повеќе за себе.

Затоа овде е потребен „Сојуз на обрежувањето". Јас го поместувам облакот кој стои меѓу нас, таа прашина онолку колку што можам да ја поместам својата сопствена егоистичка желба. И тогаш стапувам во контакт со Вишиот. Тоа веќе не е врска каде што еден едноставно добива, а другиот дава, туку каде што двајцата даваат еден на друг. Овој прв контакт помеѓу битието и Создателот се нарекува „Сојуз на обрежување" и почнувајќи од него ние почнуваме да ја тргаме завесата која нè дели, која се нарекува „орла" (кожичка). Ова дејствие се случува на секое ниво и овде треба точно да се разјасни што се однесува на Вишиот, а што на нискиот, кој треба да ја оттргне од себе таа покривка, затоа што ние од себе ја отстрануваме не желбата, туку превезот кој ја покрива, односно силата на покривањето и треба точно да разјасниме каква сила на откривање треба да добиеме и за што: за директната спротивност – за својството на давање, за верба. Ако битието е способно да ги одржува во себе овие две спротивни својства, на едно место, тогаш тоа се доближува до Создателот.

Со поврзување на овие две спротивни својства започнува сè, како што е кажано: „Од Исак ќе започне целото твое потомство, но принеси Ми го како жртва" – така почнува откривањето, доближувањето до Создателот – со откривање на желбата за насладување, над која се доближуваме до давање.

Завесата која разделува две спротивности

Како помош на битието и воопшто за да му даде можност да дојде до разбирање што е „Создателот" и како да се доближи до Него, Вишата Сила на давањето и љубовта дели едно совршено битие на два дела (или на голем број делови). Сега веќе ми станува јасно: овде е доброто, а таму злото, ова е вистина, а она е лага. А за да ги достигнам својствата на Создателот, јас треба да ги соединам овие два дела во еден! Но, како да го направам тоа?! – Само со помош на соединувањето со другите луѓе! Оттука и произлегува принципот: „Сакај го ближниот како самиот себе". Но, колку повеќе се обидувам да работам на соединувањето со друг човек, гледам дека само го оттурнувам и посакувам да го искористам за свои интереси. Сè што е позитивно кај него јас го гледам како порок, а сите негови недостатоци само ја оправдуваат мојата омраза кон него! Значи, мојата работа на соединувањето со ближниот е работа за соединување на две спротивности во една целина.

Колку повеќе се стремам кон тоа, се обидуваме да работиме против својата желба, ја симнуваме завеста „орла", завесата со прав од другиот човек, односно тајната, противречноста, својот анти – однос, толку повеќе добиваме способност да го издржиме мешањето на двете спротивности. На тој начин се зближуваме еден со друг, создавајќи наш заеднички сад (желба, кли) според начинот на Создателот, затоа што од една страна меѓу нас стои тајна, целата длабочина од желбата за наслада – огромна и заедничка, во која има омраза и меѓусебно оддалечување. Но, над сето тоа ние сме спремни да го направиме сосема спротивното и да се соединиме во еден сад, желба.

Токму овие две спротивности, притисокот меѓу тие два пола, нивната различност и заедно со тоа, нивното соединување кое го постигнуваме, ни обезбедува голема моќ на желбата, на величината на садот. Со вакви дејствија го затвораме „Сојузот на обрежувањето" и ја отстрануваме завесата „орла", силата која ни пречи, која нè дели, се претвора во поврзувачка сила, како мешање на двете спротивности, а желбата за наслада, која е спротивна на Светлината, станува слична на неа иако и внатре останува спротивна. Тогаш битието, спротивно на Создателот со целата големина на својот егоизам станува слично на Создателот и постигнува единство, соединување со Него.

Сето тоа се постигнува со методична, упорна работа во соединувањето со другиот човек, без оглед на нашите природни, егоистички својства. Затоа гледаме дека целата наша работа се состои во соединувањето на спротивностите кои постојат од самиот почеток меѓу Создателот и битието, Светлината и желбата. Така е за да не се расипе ниедно нивно својство, туку напротив, за да се открие целата бездна која ги разделува, целата далечина, целиот поларитет кои не сме ги гледале на почетокот.

Постепено оваа спротивност ни се покажува, растејќи како планината Синај (планината на омразата) меѓу мене и другиот човек кој сакам да го направам близок. Но, потребно е да се побара Светлина за да се добие способност за соединување, давање, љубов. Тогаш повторно ќе го создадеме битието во нас во сите негови првични форми и во нивниот развој, така што ништо нема да исчезне и да остане тајна, туку сите спротивности ќе послужат за откривање на соединувањето.

Тајните на книгата Тора

Книга Зохар. Глава "Тајната на книгата Тора", п.217: Тајната на книгата Тора во овој ден. Како што е кажано: "И ја читаа тие книгата Тора (учењата) на Создателот, толкувајќи и објаснувајќи и го разбраа прочитаното".

Тајната на книгата Тора ни се открива само меѓу нас. Ако можеме да создадеме простор меѓу себе кој од една страна ќе се одредува според големината на омразата меѓу нас, оддалечувајќи нè еден од друг, а од друга страна над омрзата ние создадеме врска меѓу нас, тогаш омразата ќе ни даде сила за спротивставување, „отпор", а врската меѓу нас „струење", кое ќе го спроведуваме преку него. Тогаш врз основа на „отпорот" со „струењето" низ него се открива работата: може да се врти моторот, да се загрева или да се лади, што е пожелно. Овие две спротивни сили, дејствувајќи една против друга, можат да ни донесат корист. Сè зависи од видот на отпорот кој се појавува меѓу нас – поделбата, омразата, одалечувањето, затоа што тие во секој момент се откриваат во разни видови.

Егото постојано експлодира, појавувајќи се во секакви спротивни форми. И тогаш, иако сакаме цело време да останеме во истата таа љубов, во истото тоа соединување, но бидејќи егото постојано се менува, и нашите односи доживуваат промени. Светлината се наоѓа во постојан мир, но нашата желба за наслада постојано се менува, појавувајќи се во најразлични форми, без никаков прекин. Затоа ние постојано откриваме нови состојби кои се нарекуваат „парцуфим". Ако сакаме да ги откриеме тајните на книгата Зохар или на книгата Тора - тие се откриваат само во поврзаноста меѓу нас.

Читањето е откривање


Книга Зохар. Глава "Тајната на книгата Тора", п.226: Книгата Тора е дозволено да ја чита само еден човек, а другите треба да слушаат внимателно и молчејќи, за да ги слушнат зборовите кои излегуваат од неговата уста, како да ја добиле сега од планината Синај. И до оној кој ја чита Тора треба да застане „оној кој се издига кон Тора" и да стои молчејќи за да слушне само еден говор, а не два.

Не треба да се заборави дека станува збор за еден човек. Оној кој ја чита Тора и оној кој слуша, народот Создателот и битието, планината и столбот на кој му се молат – сите овие својства се наоѓаат во еден човек. Сето тоа се негови внатрешни состојби. Ние треба да ги распознаеме во себе, да пронајдеме на што се однесува секој збор, секое својство. Станува збор за откривање на Вишата Природа на битието според сличноста на својствата, во смисла на поправањето низ кое поминува тоа. Читањето означува откривање. Ако човек не е способен да си ја претстави вистинската состојба, подобро ништо да не си претставува. Инаку тој ќе почне да си ја замислува земската слика – како ја вадат Тора од шкафот, ја поставуваат на подигнато место, почнуваат да читаат и готово. Не станува збор за тоа.

Сето тоа се симболи одразени во материјален вид, но од нив човек треба да се издигне во исконската форма, наместо измислениот свет кој сега ни се открива, да му се открие вистинскиот свет: желбата за наслада, поправена во сите нејзини делови која се појавува во некаква форма и книгата Тора – откривање на Светлината внатре во желбата. Нашата желба постојано се менува, таа е слична на буквите кои цело време прелетуваат и се откриваат, а огласувањето на буквите ("таамим", "некудот", "тангин") го исполнуваат букви. Така човекот ја открива Светлината внатре во садот/желбата.

Тоа се нарекува читање на книгата Тора, за која што е кажано дека човекот треба да ја напише во своето срце. Срцето – тоа се сите желби. И тогаш сите мои желби, сите мои својства, сè што постои во мене ќе се претвори во буквите на Тора.

Сакајќи да ги ставам во правилен редослед, јас ги исполнувам овие букви со "вкусови"/"таамим", со "точки"/"некудот" и со "круни"/ "тагин". Тогаш го имам текстот на книгата Тора кој го живеам, го чувствувам врз себе и тоа е мојот духовен живот, текот на текстот на Тора, со кој се станува човек. Нема човек одделно од Тора, одделно од буквите на Тора, сето ова е тој самиот.

Од утринската лекција 30.08.2011  Следете на  Каб.тв
 

Достигнување на Вишите Светови

 
 
so matica