Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Баал ХаСулам - Вовед во Книгата Зохар

Вовед во Книгата Зохар, Точка 1-10

1.) Во овој вовед, би сакал да разјаснам работи кои се навидум едноставни. Тоа се работи со кои секој неуко се занимава, и за нив се има потрошено многу мастило, во обид да се разјаснат. Па сепак немаме достигнато конкретно и доволно знаење за нив. Еве ги прашањата:

1. Која е нашата суштина?

2. Која е нашата улога во долгиот синџир на реалноста, од кој сме само малечки алки?

3. Кога ќе се испитаме себеси, гледаме дека сме расипани и долни, да не може полошо. А кога ќе го испитаме операторот кој нè создал, тоа нè тера да бидеме на највисоко ниво, бидејќи не постои никој што заслужува фалба како Тој. Неопходно произлегува дека само совршени операции доаѓаат од совршен оператор.

4. Нашиот ум ни наметнува дека Тој е сосема благонаклонет, неспоредливо. Како тогаш создал толку многу суштества кои цел живот страдаат и се мачат? Та нели добрите треба да прават добро, или барем да не повредуваат други?

5. Како е можно Бесконечниот, кој нема ни почеток ни крај, да создал конечни, смртни, и минливи суштества?

2.) За сето тоа да го разјасниме, мораме да поставиме неколку основни прашања. И тоа, Боже чувај, не онаму каде што е забрането, во суштината на Создателот, која не можеме да ја замислиме и која воопшто не ја гледаме, и затоа за Него немаме ни мисла ни збор, туку таму каде што е прашањето за Мицва (заповед/добро дело), поставување на прашања за Неговите дела. Така ни заповедала Тора: „Знај го Бог на твојот татко и служи Му Нему“, и како што се вели во песната на соединувањето: „По Твоите дела Те знаеме Тебе.“

Прашање бр.1: Како да си замислиме ново создание, нешто ново кое не е во Него пред Тој да го создаде, кога е очигледно за секој набљудувач дека не постои ништо што не е вклучено во Него? Тоа го налага здравиот разум, затоа што како може некој да даде нешто што самиот го нема?

Прашање бр.2: Ако велете дека од аспект на Неговата семоќ, Тој секако може да создаде постоење од празнина, нешто ново што не е во Него, се јавува прашањето – која е таа реалност, која може да се одреди како нешто што нема место во Него, туку е сосема ново?

Прашање бр.3: Овде се работи за она што го велат кабалистите, дека душата е дел од Вишиот Бог, во таква смисла што нема разлика меѓу Него и душата, но Тој е „целината“ а душата е „дел.“ И тоа го споредуваат со карпа која е отцепена од планината. Нема разлика меѓу карпата и планината, освен тоа што планината е „целината“ а карпата е „дел“. Затоа мораме да прашаме: една работа е каменот одделкан од планина, со секира направена за таа цел – да биде одделен, која доведува до одделувањето на „делот“ од „целината“. Но како можете тоа да го замислите во врска со Него, дека Тој ќе одвои дел од Својата суштина додека тој дел не замине од Неговата суштина и не стане оддвоен од Него, т.е. душа, до таму што може да биде разбран само како дел од Неговата суштина?

3). Прашање бр.4: Бидејќи кочијата на Ситра Ахра (другата страна) и Клипот (лушпите) е толку далеку, на другиот крај од Неговата Светост, сè додека таквата оддалеченост е несфатлива, како може да биде извадена и сочинета од Светоста, а уште помалку како Светоста да ја одржува?

Прашање бр.5: Прашање во врска со воскреснувањето на мртвите: Бидејќи телото е толку одвратно, веднаш по раѓањето тоа е осудено на пропаст и да биде закопано. И не само тоа, Зохар вели дека пред телото целосно да изгние, душата не може да се воздигне до своето место во Рајската Градина, сè додека уште постојат остатоци од телото. Затоа, зошто мора да се врати и да воскреснува кога ќе воскреснуваат мртвите? Зар Создателот не може да им даде радост на душите без тоа? Уште повеќе збунува тоа што велат нашите мудреци, дека мртвите ќе воскреснат заедно со своите мани, да не бидат погрешно поистоветени со некој друг, и потоа Тој ќе ги излечи нивните мани. Мораме да сфатиме зошто Бог не би сакал да бидат помешани со некој друг, за Тој да ги врати нивните мани и пак да ги отстранува.

Прашање бр.6: Во врска со тоа што велат нашите мудреци, дека човекот е центарот на сета реалност, дека Вишите Светови и овој телесен свет и сè што е во нив е создадено само за него (Зохарот, Тазриа, 40), и Бог му наредил на човекот да верува дека светот е создаден за него (Санхедрин 37). Навидум е тешко да се сфати дека за овој безначаен човек, чија вредност не е поголема од магла, во однос на стварноста на светов, а уште помалку во однос на сите Виши Светови, чија висина и возвишеност е неизмерна, што Создателот се потрудил да ги создаде сите тие за него. Но, што ќе му е сето тоа на човекот?

4.) За сите овие прашања да се сфатат, единствената тактика е да се испита крајот на делото, т.е. намената на создавањето. Ништо не може да се сфати на средината од процесот, туку само на крајот. И јасно е дека не постои дело без цел, бидејќи само нездравите во главата прават нешто без цел. Знам дека има некои кои го префрлаат, преку својот грб, товарот на Тора и Мицвот (множина од Мицва), велејќи дека Создателот ја создал целата реалност, па ја баталил, дека поради безвредноста на суштествата, тие не се достојни Возвишениот Создател да внимава на нивните злобни и ситни постапки. Навистина, тие зборуваат без знаење, бидејќи е невозможно да се зборува за нашата долност и ништожност, пред да решиме дека самите сме се создале со сите наши расипани и одвратни природи.

Но, ако осознаеме дека Создателот, кој е сосема совршен, Тој што ги создал и формирал нашите тела, со сите нивни својства кои заслужуваат пофалба или презир, ќе тврдиме дека никогаш од раката на совршениот работник не може да излезе несовршено дело, бидејќи секое дело сведочи за неговиот вршител. Такво нешто можеме да видиме во Масехет Таанит, 20: Приказна за рабинот Елазар кој налетал на многу грд човек. Му рекол: „Колку си грд.“ Човекот одговорил: „Оди кажи Му на Оној што ме направил, „Колку е грд инструментов што си го направил.“ Затоа, оние кои што тврдат дека заради нашата долност и ништожност, не Му прилега да нè пази, и дека затоа нè оставил, со тоа тие само го покажуваат своето незнаење. Само замислете: ако сретнете некој човек кој создава суштества, токму за тие да страдаат во агонија цел живот како нас, и не само тоа, туку да ги фрли зад грб, да не сака ниту да ги види, малку да им помогне. Колку долен и презрен би мислеле дека е тој! Може ли такво нешто да се мисли за Него?

5.) Затоа, здравиот разум налага да го сфатиме спротивното од она што се чини дека е на површината, и да сфатиме дека сме навистина благородни и заслужни суштества, од неизмерна важност, навистина достојни на Создателот кој што нè создал. Бидејќи секаква мана која сакате да ја видите во нашите тела, зад сите изговори што си ги давате самите, паѓа само на Создателот, кој нè создал нас и природата во нас, бидејќи е јасно дека Тој нас нè создал, а не ние самите.

Тој ги знае сите постапки кои произлегуваат од злата природа и својствата што ги создал во нас. Така е како што рековме, дека мораме да размислуваме за крајот на делото, и тогаш ќе можеме да сфатиме сè. Како што вели изреката: „Не му покажувај на будала допола завршена работа.“

6.) Нашите мудреци веќе рекле дека Создателот не го создал светот за ниедна друга причина освен да им даде радост на своите создадени суштества. И тука мора да го насочиме својот ум и да ги ставиме сите свои мисли, бидејќи тоа е крајната цел на делото на создавање на светот. И мораме да имаме на ум дека: бидејќи намерата на создавањето била да им дава на своите созданија, Тој морал да создаде во душите голема желба со која ќе го примат она што Тој мислел да им го даде. Бидејќи мерката на секое задоволство зависи од мерката на желбата тоа да се прими. Колку е поголема желбата за примање, толку поголемо ќе биде и задоволството.

Така, самата помисла на создавањето секако го налага создавањето на преголема желба за примање, во душите, и таа желба да одговара на огромното задоволство кое Неговата Семоќност сакала да им го даде на душите. Затоа што големата радост и големата желба за примање одат рака под рака.

7.) Штом го научивме тоа, стекнуваме целосно разбирање на второто прашање, во целосна јаснотија. Научивме што е реалноста која може јасно да се одреди, која не е дел од Неговата суштина, до таа мера што можеме да кажеме дека е ново создание, постоење од отсуство. А сега кога сигурно знаеме дека Мислата на создавањето - да ги усреќи Неговите суштества, налагала одредена мерка на желба за да се примат од Него сите добрини и пријатности што Тој ги планирал за нив, таа желба за примање очигледно не била вклучена во Неговата суштина, пред да ги создаде душите, бидејќи од кого би можел Тој да прими? Следува дека создал нешто ново, кое не е во Него.

Но сепак, сфаќаме дека според Мислата на создавањето, немало потреба да се создаде ништо друго освен желбата за примање. Тоа е затоа што новото создание е доволно за Него, да ја исполни целата Мисла на создавањето, која Тој ја мислел - да ни ја подари. Но пополнувањето на Мислата на Создавањето, сите добра што мислел да ни ги даде, произлегуваат директно од Неговата суштина, и немал причина повторно да ги создава, бидејќи се веќе извадени, постоење од постоење, за големата желба за примање кај душите. Така јасно гледаме дека сета супстанца во создаденото, од почеток до крај, е само „волјата за примање.“ Сега ги разбравме зборовите на кабалистите во третото прашање. Се прашувавме како е можно да се каже за душите дека се дел од Вишиот Бог, како камен изделкан од планина, дека нема разлика помеѓу нив освен во тоа дека едниот е „дел“ а другиот „целина“. И се прашувавме: едно е да се каже дека каменот изделкан од планината се одвојува со секира направена за таа цел, но како можете да го кажете тоа за Неговата суштина? И што е тоа што ги одвоило душите од Неговата суштина и ги исклучило од Создателот, за да бидат создадени суштества?

Од горенаведеното, јасно гледаме дека како што секирата сече и дели физички предмет на две, така разликата во обликот го дели духовното на две. На пример, кога двајца се сакаат, велите дека се приврзани еден за друг како да се едно тело. А кога се мразат, велите дека се далеку еден од друг како исток од запад. Но тука не станува за блискост или далечност. Ова укажува на истоветноста на обликот: кога се еднакви по облик, и секој од нив го сака она што го сака другиот, и го мрази она што го мрази другиот; па тие се сакаат и се приврзани еден за друг. Ако има некаква разлика во обликот меѓу нив, и едниот сака нешто што другиот го мрази, тогаш во таа мера во која се разликуваат по обликот, стануваат оддалечени и се мразат. Ако, на пример, се спротивни по облик, и сè што едниот сака, другиот мрази, се сметаат за оддалечени како истокот од западот, т.е. на два спротивни краја.

9.) Сега гледате, дека во духовноста, разликата во обликот делува како секирата која раздвојува во телесниот свет, и разликата меѓу нив е сразмерна со спротивноста на облиците. Оттука дознаваме дека, откако волјата за примање на Неговата радост е втисната во душите, и покажавме дека овој облик е отсутен во Создателот, бидејќи од кого Тој би примил; таа разлика  во обликот која ја добиле душите ги одвојува од Неговата суштина, како секирата која изделкува камен од планината. Поради таа разлика, во обликот, душите биле одвоени од Создателот и станале создадени суштества. Меѓутоа, сè што добиваат душите од Неговата Светлина доаѓа од Неговата суштина, постоење од постоење.

Затоа следува дека во однос на Неговата Светлина, која тие ја примаат во својот Кли (сад), што всушност е желбата за примање, нема никаква разлика меѓу нив и Неговата суштина. Тоа е затоа што добиваат постоење од постоење, директно од Неговата суштина. И единствената разлика меѓу душите и Неговата суштина е дека душите се дел од таа суштина. Тоа значи дека количеството на Светлина кои тие го добиваат во својот сад, (желбата за примање), е веќе одвоена од Создателот, како што е потврдено во врска со разликата во обликот на желбата за примање. Таа разлика во обликот, направила тие да се одвојат од „целината“ и да станат „дел“. Така, единствената разлика е дека едниот е „целина“ а другиот е „дел“, како камен од планина. И длабоко размислувајте за ова, бидејќи е невозможно да се даде поопширно објаснување за такво возвишено место.

10.) Сега можеме да почнеме да го разбираме четвртото прашање: како е можно кочијата на нечистотијата и Клипот да излезе од Неговата Светост, бидејќи тоа е на другиот крај од Неговата Светост? И како може Тој да ја поддржува и одржува? Навистина, прво мораме да го сфатиме значењето на постоењето на нечистотијата и лушпите, Клипот. Знајте дека оваа голема желба за примање, за која утврдивме дека е самата суштина на душите – за која се достојни да го примат целото полнење во Мислата на Создавањето – не останува во тој облик во душите. Да беше така, ќе мораа да останат вечно одвоени од Него, бидејќи разликата во обликот ќе ги одвојуваше од Него.

Со цел да ја поправи таа одвоеност, која лежи во садот на душите, Тој ги создал сите светови и ги поделил на два системи, како во стихот: „Бог ги направи еден наспроти друг“, и тоа се четирите чисти светови АБЈА, а наспроти нив се четирите нечисти светови АБЈА. Тој ја втиснал желбата за давање во системот на чистите АБЈА, ја тргнал желбата за примање од нив, и ја ставил во системот на нечистите светови АБЈА. Поради тоа, тие станале одвоени од Создателот и од сите Виши Светови. Од таа причина лушпите, Клипот, се нарекуваат „мртви“, како во стихот: „жртвувања на мртвите“ (Псалми 106,28). И злобните што ги следат, како што велат нашите мудреци: „Злобните, додека се живи, се нарекуваат „мртви,“ бидејќи желбата за примање, втисната во нив, во спротивност на обликот со Неговата Светост ги раздвојува од Животот на сите животи, и се сосема на друг крај од Него. Тоа е затоа што тој нема интерес да прима, туку само да дава, додека лушпите не сакаат ништо да дадат, туку само да примаат за себе, за свое задоволство, а од тоа нема поголема спротивност. Веќе знаете дека духовната раздалеченост почнува со некој степен на различност на обликот и завршува со спротивност на обликот, кој е најголем можен степен на оддалеченост.

             
JPAGE_CURRENT_OF_TOTAL

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели