Kabbalah.info - Kabbalah Education and Research Institute

Говор за довршувањето на Зохар

altПознато е дека намената на делата во Тора и Мицвот е да се стане сличен со Создателот, како што пишува: „и да се соединиме со Него." Треба да разбереме што означува Двекут (спојување) со Создателот. На крај, мислата воопшто не го перцепира.

Нашите мудреци разговарале за ова прашање пред мене, прашувајќи во врска со стихот, „да се соединиме со Него": „Како може некој да се соедини со Него? Тој е оган кој голта сè."

А тие одговораат, „соединете се со Неговите својства: како што е Тој милостив, и вие бидете милостиви; како што е Тој сочувствителен, и вие бидете." Ова збунува; како застраниле нашите мудреци од изворниот текст? Сепак, експлицитно пишува, „да се соединиме со Него." Да било значењето да се соединиме со Неговите особини, ќе мораше да пишува, „соединете се со Неговите начини." Зошто тогаш вели,, „соединете се со Него?"

Работата е во тоа што во телесноста, која зафаќа простор, го сфаќаме Двекут како блискост на место, а раздвоеноста како оддалеченоста на место. Меѓутоа, во духовноста, која не зафаќа простор, Двекут и раздвоеноста не значат блискост ниту далечност на место. Тоа е затоа што тие воопшто не зафаќаат место. Напротив, Двекут го сфаќаме како еднаквоста на обликот меѓу два духовни субјекти, а раздвоеноста како различност во облиците помеѓу нив. Како што секирата сече и раздвојува телесен предмет на два дела, раздвојувајќи ги деловите еден од друг, различноста на обликот го одвојува и поделува духовното на две. Ако разликата во обликот е мала, велиме дека се малку оддалечени еден од друг. А ако е голема, велиме дека се многу оддалечени. Ако, пак, се со спротивни облици, велиме дека се далеку еден од друг како две крајности.

На пример, кога двајца се мразат, за нив се вели дека се раздвоени еден од друг како Истокот од Западот. А ако се сакаат, се вели дека се приврзани еден кон друг како да се едно тело. А сето ова нема врска со блискоста или оддалеченоста на местоположбата. Не, туку се работи за еднаквост или различност во обликот. Ова е така бидејќи кога луѓе се сакаат, тоа е затоа што има слична форма меѓу нив. Бидејќи човек го сака тоа што го сака неговиот пријател, и го мрази тоа што го мрази пријателот, тие се приврзани еден кон друг и се сакаат.

Меѓутоа, ако има некаква разлика во обликот меѓу нив, и ако едниот нешто мрази дури иако неговиот пријател го љуби истото, тие се мразат меѓусебно и се далеку еден од друг онолку колку што е нивната разлика во обликот. А ако се толку спротивни што пријателот го мрази сето она што другиот го сака, се вели дека се оддалечени и раздвоени како Истокот од Западот. И можете да видите дека во духовноста таа разлика во обликот делува како секирата која раздвојува во светот на телесното. Слично, размерот на оддалеченоста на местоположбите и на нивната раздвоеност зависи од размерот на разликата на обликот меѓу нив. Исто така, размерот на Двекут меѓу нив зависи од размерот на нивната меѓусебна еднаквост на обликот.

Сега разбираме колку во право биле нашите мудреци кога го протолкувале значењето на стихот „да се соединиме со Него" како спој со Неговите одлики – како што е Тој милостив, и вие бидете милостиви; како што е Тој сочувствителен, и вие бидете. Тие не го застранија текстот од буквалното значење. Сосема спротивно од тоа, го протолкуваа текстот точно според буквалното значење, бидејќи духовниот Двекут може да се опише само како еднаквост на облик. Оттука, со изедначување на нашиот облик со обликот на Неговите одлики, му стануваме приврзани Нему. Затоа велат, „како што Тој е милостив." Со други зборови, сите Негови постапки служат за добро на другите, а воопшто не за Негово добро, бидејќи Тој нема недостатоци кои треба да се надополнат. А Тој нема ни од кого да прими. Слично, сите ваши постапки ќе бидат за да им дадете и направите добро на другите. Така, ќе ја изедначите својата форма со формата на одликите на Создателот, и тоа е духовниот Двекут .

Во спомнатото изедначување на обликот се издвојуваат „умот" и „срцето". Следењето на Тора и Мицвот за да му се даде задоволство на својот Создател е истоветност на обликот во умот. Тоа е затоа што Создателот не мисли на Себе – дали постои или дали ги пази своите созданија, и слични такви сомнежи. Слично, оној кој сака да достигне истоветност на обликот не смее да мисли на тие работи, кога веќе е јасно дека Создателот не мисли на нив, бидејќи нема поголема разлика во обликот од тоа. Оттука, секој што размислува за такви работи е секако раздвоен од Него, и никогаш нема да достигне истоветност на обликот.

Тоа го велат нашите мудреци, „Сите ваши постапки нека бидат за Создателот," што значи, Двекут со Создателот. Не правете ништо што не ве доведува поблиску до таа цел на Двекут. Тоа значи дека сите ваши постапки ќе бидат за давање и добро на другите луѓе, вашите ближни. Тоа е целиот Двекут. Но можеме да прашаме, „Како може секоја постапка да биде за добро на другите? Сепак, човек мора да работи за да се издржува себеси и семејството." Одговорот е дека тие дела кои се вршат од потреба, за да се добијат најосновните потрепштини за опстанок, таквите потреби ниту се фалат ниту се осудуваат. Тоа воопшто не се брои како да сте направиле нешто за себе.

Секој што ќе навлезе во суштината на работите секако ќе биде изненаден за тоа како може да се постигне целосна истоветност на обликот, за сите постапки да бидат за да им се даде на другите, додека самата суштина на човекот е само да прима за себе. По природа, не можеме да направиме ни најситно нешто за добро на другите. Место тоа, кога им даваме нешто, принудени сме да очекуваме дека на крајот ќе добиеме достојна награда. Ако некој макар само се посомнева дека ќе добие награда, нема ништо да направи. Како може тогаш секоја наша постапка да биде само за да им дадеме на другите а ништо да не држиме за себе?

Признавам дека ова е навистина многу тешко. Никој не може да ја смени природата на тоа како е создаден, што значи само да прима за себе, а камо ли да ја изврти сопствената природа во друга крајност, што значи да не прима ништо за себе, туку да делува само за да дава. Па сепак, ова е причината зошто Создателот ни ги даде Тора и Мицвот, со кои ни е наредено да се бавиме само за да Му дадеме задоволство на Создателот. Да не беше изучувањето на Тора и Мицвот во Лишма (во Нејзино име), за да му донесат задоволство на Создателот, а не за наша корист, немаше да има тактика во светот што ќе ни помогнеше да ја преобразиме својата природа. Сега можете да ја сфатите ригорозноста на проучувањето на Тора и Мицвот во Лишма. Ако некој ги проучува Тора и Мицвот со намера не да му користи на Создателот, туку на себеси, не само што неговата волја за примање нема да се преобрази, туку напротив, ќе порасне многу повеќе одколку што била по природата на неговото создавање.

Но какви се доблестите на тој што бил награден со Двекут со Создателот? Тие не се спомнати никаде, освен во суптилни најави. Сепак, за да ги разјаснам работите во мојот есеј, морам да откријам и малку од тоа, колку што треба. Ќе го објаснам ова со алегорија. Телото и неговите органи се едно. Целината на телото разменува мисли и осети во врска со секој орган. На пример, ако целото тело мисли дека одреден орган треба да го служи и задоволи, тој орган веднаш ќе ја знае таа мисла и ќе го обезбеди задоволството на кое се мислело. А ако органот мисли и чувствува дека местото на кое се наоѓа е тесно, остатокот од телото веднаш ќе ја дознае таа мисла и чувство, и ќе го премести на поудобно место. Меѓутоа, ако орган биде отсечен од телото, тие ќе станат две различни суштества; остатокот од телото веќе нема да ги знае потребите на раздвоениот орган, а органот нема да ги знае потребите на телото, за да може да му служи. Но ако дојде лекар и повторно го поврзе органот со телото како што било порано, органот пак ќе ги знае мислите и потребите на остатокот од телото, а и телото пак ќе ги знае потребите на органот.

Според оваа алегорија, можеме да ја сфатиме заслугата и доблесноста на тој што е награден со Двекут со Создателот. Веќе покажав во мојот „Вовед во Зохарот", ставка 9, дека душата е Светлина која се протега од Неговата Суштина. Таа Светлина е одвоена од Создателот така што Создателот ја облекува во желбата за примање. Тоа е така бидејќи Мислата на Созданието, за да им направи добро на Неговите созданија, во секоја душа создала желба да прима задоволство. Така, тој облик на желбата за примање ја одвоила таа Светлина од Неговата Суштина и го претворила во дел кој е одвоен од Него.

Следува дека секоја душа била опфатена во Неговата Суштина пред да биде создадена. Но со создавањето, што значи заедно со желбата да прима задоволство, која била всадена во душата, таа постигнала различност на обликот и била одвоена од Создателот, чија единствена желба е да дава. Тоа е така затоа што, како што веќе објаснивме, различноста на обликот во духовното раздвојува како што раздвојува секирата во телесното. Така, сега душата е сосема слична на алегоријата на органот кој бил отсечен и одвоен од телото. Иако пред раздвојувањето, тие – органот и телото – биле едно, и разменувале мисли и чувства еден со друг, откако органот е отсечен од телото тие стануваат две посебни целини. Сега не си ги знаат меѓусебно мислите и чувствата. Тоа уште повеќе се зацврстува откако душата ќе се облече во тело од овој свет: сите врски што ги имала пред да биде одвоена од Неговата Суштина престануваат, и сега се како две одвоени суштества.

Сега можеме лесно да сфатиме каква е заслугата на некој што е награден со тоа што повторно се обликува според Него. Тоа значи дека е награден со истоветност на обликот од страна на Создателот со преобразување на желбата за примање, која му е всадена преку моќта опишана во Тора и Мицвот. Тоа е токму она што го одвоило од Неговата Суштина, и го претворило во волја за давање. Сега сите негови постапки се само за давање и правење добро на другите, бидејќи го направил својот облик ист како Создателот. Следува дека тој е баш како орган кој некогаш бил отсечен од телото и е повторно соединет со него: пак ги знае мислите на остатокот од телото, како што ги знаел пред да биде одвоен од него.

И душата е исто таква: откако постигнала истоветност со Него, пак ги знае Неговите мисли, како што ги знаела пред да биде раздвоена од Него поради разликата во обличието настаната заради желбата за примање. Тогаш стихот „знај го Богот на татко ти" живее во него, и тој е награден со целосно знаење, Божествено знаење. Награден е и со сите тајни на Тора, бидејќи Неговите мисли се тајните на Тора. Тоа е она што го рече рабинот Меир: „Сите што ја проучуваат Тора во Лишма добиваат многу нешта. Тајните на Тора им се откриваат, и тие стануваат како вечна пролет." Како што рековме, преку бавење со Тора во Лишма, што значи за да му се даде задоволство на Создателот, а воопшто не за своја лична корист, гарантирано е претопување според Создателот. Тоа значи дека постигнуваме ист облик, и сите наши постапки ќе бидат за добро на другите, а не за нас самите. Тоа е исто како Создателот, чија секоја постапка е само за добро на другите.

Така, душата се враќа во Двекут со Создателот, како што била пред своето создавање. Потоа, добива многу нешта, и е наградена со тајните и вкусовите на Тора, и станува како вечна пролет. Тоа е затоа што се отстранети деловите кои ја двоеле од Создателот и станува повторно едно со Него, како пред да биде создадена.

Целата Тора, разоткриена и скриена, е мислите на Создателот, без никаква разлика. Тоа е како кога некој се дави во река, а пријател му фрла јаже да го спаси. Ако давеникот убаво се фати за јажето, пријателот може да го спаси и да го извлече од реката. И Тора е таква. Бидејќи таа е во целост мислите на Создателот, таа е како јаже кој Создателот им го фрла на луѓето за да ги спаси и да ги извлече од Клипот (лушпа). Крајот на јажето кој е блиску до сите луѓе е разоткриената Тора, која не бара намера ниту мисла. Не само тоа, туку дури и кога има погрешна мисла во Мицвот, Создателот пак ја прифаќа, како што е напишано, „Човек мора секогаш да се бави со Тора и Мицвот во Ло Лишма (не во Нејзино име), бидејќи од Ло Лишма ќе дојде до Лишма."

Така, Тора и Мицвот се крајот на јажето, и нема човек на светот кој не може да се фати за него. Ако цврсто се фати за него, што значи дека е награден со проучување на Тората и Мицвот во Лишма, да му даде задоволство на својот Создател а не себеси, Тора и Мицвот ќе го одведат до истоветност во обликот со Создателот. Тоа е значењето на „да се обликуваме според Него." Тогаш, тој ќе биде награден со сите мисли на Создателот, наречени „Тајни на Тора" и „Вкусови на Тора", кои се остатокот од јажето. Меѓутоа, тоа може да се добие само ако се постигне целосен Двекут. Причината што мислите на Создателот, т.е. тајните на Тора и нејзините вкусови, ги споредуваме со јаже, е дека има многу степени во изедначувањето на обликот со оној на Создателот. Оттука, има многу степени на јажето, во достигнувањето на тајните на Тора. Мерката за достигнувањето на тајните на Тора, на познавањето на Неговите мисли, е како мерката на истоветност на обликот со оној на Создателот.

Има вкупно пет степени: Нефеш, Руах, Нешама, Хаја, Јехида, и секој од нив се состои од сите нив. Секој од нив содржи пет степени, а секој од тие содржи најмалку дваесет и пет степени. Тие се викаат и „светови", како што велат нашите мудреци, „Создателот сигурно на секој праведник ќе му даде 310 светови." А причината што степените на достигнувањето на Него се викаат „светови" е тоа што зборот Олам (свет) има две значења:

1. Сите што ќе влезат во тој свет ги имаат истите чувства; тоа што еден гледа, слуша и чувствува, го гледаат, слушаат и чувствуваат и сите други во тој свет.
2. Сите што се во тој „скриен" свет не можат да знаат или достигнат ништо во друг свет. Се достигнуваат и овие два степени:

1. Секој што е награден со одреден степен знае и достигнува сè во него што го постигнале сите пред него што стигнале до тој степен, и во сите генерации што биле, и што ќе бидат. Тој има достигнато сè што имаат тие, како да се во истиот свет.
2. Сите што ќе дојдат до тој степен нема да можат да знаат или достигнат нешто што постои во друг степен. Тоа е како во овој свет: тие не можат да знаат ништо што постои во светот на вистината. Затоа степените се нарекуваат „светови."

Затоа, тие што достигнале нешто можат да пишуваат книги и да ги преточат своите достигнувања во разни навестувања и алегории. Нив ќе ги разберат сите оние кои се наградени со степените опишани во книгите, и ќе го имаат достигнато истото што и тие. Но оние кои не се наградени со степенот на авторите нема да можат да ги разберат нивните навестувања. Тоа е уште повеќе случај со оние кои не се наградени со никакви достигнувања; тие нема да разберат ништо од нив, бидејќи го немаат достигнато истото.

Веќе рековме дека целосниот Двекут и целосното достигнување се поделени на вкупно 125 степени. Согласно со тоа, пред да дојде Месијата, невозможно е да се добијат сите 125 степени. А меѓу генерацијата на Месијата и сите други генерации има две разлики:

1. Само во генерацијата на Месијата е можно да се достигнат сите 125 степени, и во ниедна друга генерација.

2. Низ генерациите, тие што се издигнале и биле наградени со Двекут биле малкумина, како што велат нашите мудреци за стихот, „Најдов еден човек во илјада; илјада влегуваат во собата, а еден излегува да подучува," мислејќи на Двекут и достигнувањето. Како што велат, „бидејќи земјата ќе биде полна со знаење за Господа." „И веќе нема да го подучуваат секој свој сосед, и секој свој брат, велејќи им: „Знајте го Господа; бидејќи сите ќе ме знаат Мене, од најмалите до најголемите меѓу нив."

Исклучок се Рашби и неговата генерација, авторите на Зохар, на кои им биле дадени сите 125 степени во целост, иако уште не било времето на Месијата. За него и неговите ученици е речено: „Мудрец е подобар од пророк." Затоа често во Зохарот се вели дека нема да има генерација како на Рашби додека не дојде генерацијата на Кралот Месија. Затоа неговото дело има оставено толкав впечаток во светот, бидејќи тајните на Тора во него ги опфаќаат сите 125 степени. Затоа се вели во Зохар дека Книгата на Зохар ќе биде разоткриена само кога ќе дојде Судниот Ден, кога ќе дојде Месијата. Тоа е затоа што, како што веќе рековме, дека ако степените на учениците не се како оние на авторот, тие нема да ги сфатат неговите објаснувања, бидејќи го немаат достигнато истото.

А бидејќи степенот на авторите на Зохарот е на највисокото ниво од 125 степени, тоа не може да се достигне пред да дојде времето на Месијата. Следува дека никој нема да го достигне истото како авторите на Зохар во генерациите пред Месијата. Затоа, Зохар не може да биде разоткриен во генерациите пред генерациите на Месијата. А тоа е јасен доказ дека нашата генерација го дочека времето на Месијата. Можеме да видиме сите толкувања на Зохар пред нашето нема разјаснето ни десет проценти од тешките места во Зохарот. А и на малкуте места што ги имаа разјаснето, нивните зборови се речиси исто толку нејасни како самиот Зохар.

Но во нашата генерација сме наградени со коментарот Сулам (Скала), кој е целосно толкување на сите зборови во Зохар. Покрај тоа, не само што не остава ништо неразјаснето и непротолкувано, туку појаснувањата се засноваат врз директна анализа, која може да ја разбере секој средно напреден ученик. А бидејќи Зохар се појави во нашата генерација, тоа е јасен доказ дека сме веќе во времето на Месијата, на почетокот од таа генерација за која е речено „бидејќи земјата ќе биде полна со знаење за Господ."

Треба да знаеме дека духовните теми не се како телесните, каде давањето и примањето се случуваат заедно. Во духовното, времето на давање и времето на примање се одвоени. Тоа е затоа што прво му е дадено од Создателот на примателот; и во тоа давање тој само му дава можност да прими. Меѓутоа, уште нема ништо примено, додека не биде посветен и прочистен како што треба. Тогаш ќе ја прими наградата. Затоа може да помине долго време помеѓу времето на давање и времето на примање. Согласно со тоа, изјавата дека оваа генерација веќе има стигнато до стихот „бидејќи земјата ќе биде полна со знаење за Господ", се однесува само на давањето. Уште не сме дошле до состојбата на примање. Кога ќе бидеме прочистени, осветени, и ќе учиме и се трудиме колку што се бара, ќе дојде времето кога ќе примиме, и во нас ќе се оствари стихот „бидејќи земјата ќе биде полна со знаење за Господ."

Познато е и дека покајанието и највисокото достигнување се тесно поврзани. Доказот за тоа е дека секој што е привлечен од тајните на Тора е привлечен од земјата на Израел. Затоа и нам ни е ветено, „бидејќи земјата ќе биде полна со знаење за Господ," само на Судниот Ден, во времето на покајание. Затоа, бидејќи уште не ни е дадено времето на примање на целосното достигнување, туку само времето на давање, со кое ни е дадена можност за целосно достигнување, така е и со покајанието. Со него сме наградени само во облик на давање. Факт е дека Создателот ја ослободи нашата света земја од туѓинците и ни ја даде, но сепак уште ја немаме добиено под наша власт, бидејќи времето за примање уште не е дојдено, како што објаснивме во врска со целосното достигнување. Така, Тој ни даде, но ние уште го немаме примено даденото. Сепак, немаме економска независност, а без тоа нема политичка независност. Покрај тоа, нема покајание на телото без покајание на душата. А сè додека поголемиот дел од народот е во заробеништво во странски култури и е неспособен да учествува во религијата и културата на Израел, и телата ќе бидат во заробеништво на странски сили. Во тој поглед, земјата е сè уште во рацете на туѓинците.

Доказот е тоа што никој не е многу возбуден во врска со покајанието, како што би требало да биде по два милениуми. Не само што оние во дијаспората не се наклонети да ни се вратат и да се радуваат во покајанието, туку голем дел од тие што веќе се покајале, и веќе живеат меѓу нас, едвај чекаат да се куртулат од тоа покајание и да се вратат во дијаспората од каде што дошле. Така, и покрај тоа што Создателот ја спаси земјата од рацете на туѓи народи и ни ја врати, ние уште ја немаме примено. Не уживаме во неа. Но со ова давање, Создателот ни даде прилика за покајание, да се прочистиме и осветиме, и да ја земеме Божјата работа во Тора и Мицвот во Лишма. Тогаш, Храмот ќе биде изграден и ќе ја добиеме земјата под наша власт. И ќе ја почувствуваме радоста на покајанието.

Но сè додека не дојдеме до тоа, ништо нема да се смени. Нема разлика помеѓу сегашните услови во земјата и времето кога беше во рацете на туѓинците, во законите, во економијата, и во Божјата работа. Така, сè што имаме е прилика за покајание. Следува дека нашата генерација е генерацијата на времето на Месијата. Затоа ни е дадено спасение на нашата света земја од рацете на странците. Наградени сме и со откровението на Книгата Зохар, кое е почетокот на спознанието на стихот, „бидејќи земјата ќе биде преполна со знаење за Господ." „И веќе нема да подучуваат... бидејќи сите ќе Ме знаат, од најмалите до најголемите меѓу нив."

А сепак, со тие две, наградени сме само со давање од страна на Создателот, но уште немаме ништо примено в раце. Место тоа, дадена ни е шанса да почнеме со Божјата работа, со Тора и Мицвот во Лишма. Тогаш ќе ни биде даден големиот успех кој е ветен на генерацијата на Месијата, успех кој ниедна генерација пред нас не го видела. И потоа ќе бидеме наградени со времето на примање на целосното достигнување и целосното покајание.

Така темелно го објасниве одговорот на нашите мудреци на прашањето, „Како можеме да се споиме со  Него, за кое велат дека значи „да се споиме со Неговите одлики'?" Тоа е вистина од две причини:

1. Духовниот Двекут не се состои во блискост на местото, туку во истоветност на обликот.

2. Бидејќи душата е одвоена од Неговата суштина само поради волјата за примање, која и ја има всадено Создателот, еднаш штом Тој ќе ја одвои желбата за примање од неа, таа природно си се враќа во претходниот Двекут со Неговата Суштина.

Меѓутоа, сето ова е теорија. Всушност, тие немаат одговорено ништо со објаснувањето на соединување со Неговите особини, кое значи одвојување од волјата за примање, втисната во природата на Созданието, и доаѓање до желбата за давање – спротивно од нејзината природа.

А она што го објаснивме, дека некој што се дави в река треба цврсто да се фати за јажето, и дека се додека не почне со Тора и Мицвот Лишма на начин со кој веќе нема да се врати на глупостите, не се смета дека цврсто се фатил за јажето, се враќа прашањето: Каде ќе најде човек мотивација за со сето срце да се труди само да му дава задоволство на својот Создател? Сепак, човек не може ни да мрдне без да има некаква корист за себе, како што машина не може да работи без гориво. А ако нема себе-задоволување, туку само задоволство за Создателот, човек нема да има гориво со кое ќе може да работи. Одговорот е дека за секој кој во доволна мера ќе ја достигне Неговата величина, она што му го дал Нему се претвора во примање, како што пишува во Масехет Кидушин (стр. 7): со важна личност, кога жената му дава пари, за неа се смета дека всушност добива, и таа е
просветена.

Така е и со Создателот: ако некој ја достигне Неговата величина, не постои нешто поголемо што може да се прими од задоволството на Создателот. Тоа е доволно гориво за работа со сето срце за да Му се донесе задоволство. Но јасно е дека се додека некој ја нема достигната Неговата величина во доволна мера, нема да смета дека давањето задоволство на Создателот е нешто што ако го прими ќе му биде доволно за да му ги даде срцето и душата на Создателот.

Затоа, секој пат кога некој навистина ќе посака само да му даде задоволство на својот Создател, а не на себеси, веднаш ја губи силата за работа, бидејќи е како машина без гориво, бидејќи човек не може да помрдне ниеден орган без да има некаква корист за себе. Тоа уште повеќе важи за таков голем труд кај што се дава срцето и душата, како што налага Тората. Несомнено, човек нема да може да го прави тоа без да добие некакво задоволство за себе. Навистина, да се постигне Неговата величина во таква мера што давањето станува примање, како што се спомна во врска со важна личност, воопшто не е тешко. Секој ја знае величината на Создателот, кој создал сè и прождира сè, кој е без почеток и крај, и чија возвишеност е бескрајна.

Сепак, тешкотијата е во тоа што мерката на величината не зависи од поединецот, туку од околината. На пример, дури и ако некој е полн со доблести но околината не го цени како таков, тој секогаш ќе биде несреќен и нема да може да се гордее со своите доблести, иако не се сомнева дека се вистина. И обратно, човек без никакви добри одлики, кого околината го почитува како да е доблесен, тој човек ќе биде полн со гордост, бидејќи мерата на важност и величина во целост се дава на околината. И додека човек гледа како неговата околина ја омаловажува неговата работа и не ја цени правилно неговата величина, тој не може да ја совлада околината. Така нема да може да си ја стекне величината, и самиот си ја омаловажува работата, како што прават и другите. А бидејќи нема основа за да ја стекне својата величина, тој очигледно нема да може да може да работи за да Му даде задоволство на својот Создател, а не себеси. Тоа е така затоа што нема мотивација за да се труди, а „ако си се трудел и не си нашол, не верувај." Единствениот избор останува или да работи за себе, или воопшто да не работи, бидејќи за него, давањето задоволство на Созадтелот нема да биде еднакво на примање.

Сега можете да го сфатите стихот, „Во мноштвото луѓе лежи славата на кралот", бидејќи мерата на величината доаѓа од околината под два услови:

1. Колку го цени околината.
2. Големината на околината. Оттаму, „Во мноштвото луѓе лежи славата на кралот."

А поради големата тешкотија во сето ова, нашите мудреци не посоветуваа: „Направи си Рав и купи си пријател." Тоа значи дека човек треба да си избере за себе важна и ценета личност да му биде Рав, со кого ќе може да почне да се бави со Тора и Мицвот, за да може да му даде задоволство на својот Создател. Тоа е така бидејќи со Рав доаѓаат две олеснувања:

1. Бидејќи тој е важна личност, ученикот може да му дава задоволство, врз основа на возвишеноста на Рав, бидејќи за него давањето станува примање. Тоа е природно гориво, и така неговите постапки на давање секогаш можат да растат. А штом човек се навикне да му дава на Рав, може истото да го префрли на тоа да се бави со Тора и Мицвот во Лишма заради Создателот, бидејќи навиката станува втора природа.

2. Истоветноста во обликот со Создателот не помага ако не е засекогаш, што значи, „додека Оној што ги знае сите мистерии не посведочи дека нема да се врати на глупостите." Тоа не важи за истоветноста на обликот со својот Рав. Бидејќи Рав е во овој свет, со време, истоветноста на обликот со него помага дури и ако е само привремена, и ако тој подоцна се расипе. Така, секојпат кога некој ќе го изедначи својот облик со својот Рав, за некое време тој е прилепен за него. Така ги добива мислите и знаењето на Рав, според размерот на својот Двекут, како што објаснивме во алегоријата на органот кој бил отсечен од телото и повторно споен со него. Од таа причина, ученикот може да го искористи достигнувањето на величината на Создателот што ја има неговиот Рав, со што давањето го претвора во примање и во доволно гориво за да го даде срцето и душата. Тогаш и ученикот ќе може да проникне во Тора и Мицвот Лишма со сето срце и душа, што е лекот кој го дава вечниот Двекут со Создателот.

Сега можете да сфатите што рекле нашите мудреци (Берахот 7): „Служењето на Тора е поважно од нејзиното проучување, како што е речено, „Елиша, синот на Шафат е тука, кој истураше вода врз рацете на Елија.'" Не вели проучуваше, туку истураше. Ова збунува; како можат едноставни постапки да бидат повозвишени од проучувањето на мудроста и знаењето?

Но според горенаведеното, сосема разбираме дека служењето на нашиот Рав со нашето тело и душа за да му дадеме задоволство на Рав, ќе не донесе до Двекут со Рав, т.е. до истоветност на обликот. Така ги добиваме мислите и знаењето на Рав „од уста до уста", што е Двекут на дух со дух. Со тоа, наградени сме со Неговата величина доволно, за да можеме да го претвориме давањето во примање, да стане доволно гориво за предаденост, додека не добиеме Двекут со Создателот. Тоа не се однесува толку на проучувањето на Тора со Рав, оти тоа мора да биде за сопствена корист и не дава Двекут. Тоа се смета за „од уста на уво." Така, служењето на ученикот му ги дава мислите на Рав, а проучувањето – само неговите зборови. А и заслугата од служењето е поголема од онаа на учењето како што мислите на Рав се поважни од неговите зборови, и како што „од уста до уста" е поважно од „од уста до уво." Меѓутоа, сето ова е вистина ако службата е за да му даде задоволство на Бог. Сепак, ако служењето е за сопствена корист, таквото служење не може човек да го донесе до Двекут со својот Рав, и секако тогаш учењето со Рав е поважно од служењето. Сепак, како што рековме за стекнувањето на неговата величина, околината која не го цени го ослабува поединецот, и го спречува да ја достигне својата величина. А тоа секако е вистина за Рав. Околината која не го цени Рав ќе го спречи ученикот правилно да ја стекне величината на својот Рав.

Затоа нашите мудреци велат, „Направи си Рав и купи си пријател." Тоа значи дека човек може да си направи ново опкружување. Тоа опкружување ќе му помогне да ја стекне величината на својот Рав преку љубовта на пријателите кои го ценат Рав. Кога пријателите разговараат за величината на Рав, секој од нив добива чувство за неговата величина. Така, давањето на Рав ќе стане примање и доволна мотивација до таму, што ќе го доведе човека да се бави со Тора и Мицвот во Лишма.

За тоа велат, „Тора се стекнува со 48 доблести, со служење на пријателите и со грижата на пријателите." Ова е така затоа што покрај служењето на Рав, на човек му треба и грижата на пријателите, нивното влијание, за да му помогнат во стекнувањето на величината на неговиот Рав. Стекнувањето на величината зависи во целост од околината, а поединецот не може ама баш ништо да стори во врска со тоа. Сепак, има два услови за стекнување на величината:

1. Секогаш слушај и прифаќај го ценењето на околината во согласност со нивната величина.

2. Околината треба да има величина, како што е напишано, „Во мноштвото луѓе е славата на кралот."

За да го стекне првиот услов, секој ученик мора да се чувствува најмал меѓу сите пријатели. Во таа состојба, може од секого да прими признанија на величината, бидејќи великите не можат да примаат од помали, а камо ли да бидат импресионирани од нивните зборови. Напротив, само малите можат да бидат импресионирани кога ги ценат великите.

А за вториот услов, секој ученик мора да ги фали доблестите на секој од пријателите и да го цени како да е најважниот во генерацијата. Тогаш околината ќе му остави впечаток како доволно возвишена околина, бидејќи квалитетот е многу поважен од квантитетот.

 

Кабалистичка библиотека

Достигнување на Вишите Светови

so matica

Сподели